• сабота, 21 декември 2024

Велика Британија ги консолидира пензиските фондови

Велика Британија ги консолидира пензиските фондови

Лондон, 14 ноември 2024 (МИА) - Британската министерка за финансии Рејчел Ривс денеска ги објави плановите за спојување на десетици пензиски фондови за да се ослободат десетици милијарди фунти за инвестиции и поттикнување на економскиот раст.

Ривс рече дека создавањето на таканаречените „мегафондови“ ќе ја претставува „најголемата пензиска реформа во последните децении“.

Таа смета дека спојувањето може да ослободи 80 милијарди фунти (95 милијарди евра) за дополнителни инвестиции.

Пензиските фондови инвестираат во акции, обврзници, недвижен имот и инфраструктура, а со тоа ги зголемуваат пензиите за нивните членови.

До 2030 година, новата пензиска шема во Англија и Велс ќе управува со средства во вредност од околу 500 милијарди фунти.

Лабуристичката влада планира да ги спроведе реформите преку нов закон во Парламентот следната година и се очекува тие да добијат широка поддршка од целиот политички спектар.

„Поголемите пензиски фондови можат да помогнат да се постигнат подобри резултати за штедачите преку посилно управување, поголема преговарачка моќ и дополнителни ресурси“, рече Зои Александар, директор на Здружението за пензии и доживотно штедење.

Од светската финансиска криза од 2008-2009 година, британската економија оствари послаби резултати во однос на претходните години. Податоците, кои ќе бидат објавени утре, се очекува да покажат дека економијата едвај пораснала во вториот квартал од годинава. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан