• понеделник, 23 декември 2024

Васало за скринингот: Важно е реформите да се применуваат, а не само да се покаже колкав процент се усогласени законите

Васало за скринингот: Важно е реформите да се применуваат, а не само да се покаже колкав процент се усогласени законите
Скопје, 4 октомври 2022 (МИА) - Заменик-амбасадорот на ЕУ во земјава Џулијан Васало на денешниот брифинг со новинарите, објаснувајќи го скрининг процесот, рече дека е важно реформите да се имплементираат, а не само да се покаже колкав процент е усогласено законодавството. Тој кажа дека објаснувачкиот скрининг треба да заврши до септември идната година, додека билатералниот, во којшто вели, подлабоко се навлегува во реформите, треба да заврши до ноември 2023 година. Васало кажа дека не би шпекулирал со датуми за тоа кога земјава ќе стане дел од Унијата и тоа, според него ќе зависи од степенот на реформите, подготвеноста на капацитетите, но вели дека 2030 година може да биде реалност Северна Македонија да стане дел од Унијата, доколку постои политичка волја во земјава. Билатералниот скрининг, потсети Васало, е многу посложен процес во кој ЕУ длабоко навлегува во реформите и во којшто државава одговара на прашањата на ЕУ, објаснува, презентира до каде е со имплементацијата на европските стандарди во одредена област, но и презема обврска во кој рок и колку проценти ќе треба усогласување со европските регулативи. По завршувањето на билатералниот скрининг, како што кажа Васало, Унијата ќе одлучува дали да ги отвори преговорите за кластерите или за некои од нив ќе постави посебни услови односно „бенчмаркови“, кои доколку не се исполнат, не може да се оди напред во одредени кластери. Во однос на Извештајот што Европската комисија треба да го објави идната недела за земјава, нема да има изненадувања, вели Васало. Тој напомена дека сега сме во нова фаза, почнати се преговори, и оти со скрининг процесот подлабоко ќе навлегуваме, отколку што тоа беше случај со претходните извештаи на ЕК, кога се оценуваше дали земјата е подготвена за преговори. И вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ вчера најави дека Извештајот на ЕК за земјава ќе биде објавен идната седмица и оти очекува тој да биде позитивен, со патоказ за следните реформи и активности и оти тоа ќе биде прв извештај од почетокот на преговорите и оти не очекува да има некакви изненадувања. Васало на денешниот брифинг исто така најави дека Договорот со Фронтекс ќе биде потпишан во наредните недели, без да посочи конкретен датум. Вели дека договорот ќе биде потпишан на македонски јазик, без никакви фусноти. Тој оцени дека потпишувањето на Договорот ќе биде важен момент поради две причини - првата соработката и учеството во механизмите на ЕУ додека сме земја кандидатка која преговара за членство, а вториот, тоа што уште еднаш ќе стане јасен фактот дека македонскиот јазик е јазик на Северна Македонија, без појаснувања и фусноти. На прашањето дали ЕУ ќе и помогне на државава при набавката на електрична енергија, одговори дека Северна Македонија нема да биде оставена сама, потсетувајќи дека сите држави во Европа се соочуваат со енергетската криза. Во однос на бугарските здруженија што се формираат во земјава со провокативни имиња, и на забелешката дека тоа се практично провокации од земја-членка на ЕУ, Васало со став дека Унијата не се занимава со историја, туку гледа кон иднината. Васало рече и дека тоа се билатерални прашања меѓу двете земји и оти ЕУ не е дел од тој процес. Тој кажа оти знае дека имало реакции во земјава кога беше отворен првиот клуб на бугарско здружение во Битола и дека Скопје и Софија разговараат за историски прашања и повтори оти во ЕУ се гледа нанапред, а не кон минатото, потсетувајќи дека одлуките во Унијата за прием на нови членки се носат со консензус. нд/бак/    

Остани поврзан