Бразил: Лула го претстави фондот за заштита на тропските шуми пред КОП30
- Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва денеска го претстави новиот мултимилијардерски фонд за заштита на тропските шуми, додека светските лидери се собираат во амазонскиот град Белем пред Конференцијата на ОН за климатски промени (КОП30) следната недела.
Белем, 6 ноември 2025 (МИА) – Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва денеска го претстави новиот мултимилијардерски фонд за заштита на тропските шуми, додека светските лидери се собираат во амазонскиот град Белем пред Конференцијата на ОН за климатски промени (КОП30) следната недела.
Лула истакна дека за прв пат земјите од Глобалниот југ ќе играат водечка улога во програмата за заштита на шумите преку новиот Tropical Forests Forever Fund (TFFF).
Моделот на бразилската влада обезбедува дека земјите кои ги чуваат своите тропски шуми ќе бидат финансиски наградени.
Фондот би можел да распределува до 4 милијарди долари годишно, што е речиси три пати повеќе од сегашниот обем на меѓународна помош за зачувување на шумите.
Земјите кои ги чувваат вредните тропски шуми ќе добиваат премија од 4 долари по хектар годишно. Од друга страна, ќе треба да платат казна од 140 долари за секој уништен хектар, при што проверката ќе се врши со сателитски снимки.
Според планот, околу 70 земји во развој со тропски шуми би можеле да имаат корист од фондот. До една петтина од средствата ќе одат и за домородните заедници.
Богатите земји првично ќе придонесат со 25 милијарди долари на доброволна основа. Меѓу потенцијалните донатори се Германија, Обединетите Арапски Емирати, Франција, Норвешка и Обединетото Кралство. Овој почетен фонд потоа би се користел за мобилизирање на дополнителни 100 милијарди долари од приватниот сектор во наредните неколку години.
Освен Бразил, основачки членови се и Колумбија, Гана, Демократската Република Конго, Индонезија и Малезија.
Лула на Генералната дебата на ОН во Њујорк соопшти дека Бразил ќе придонесе со една милијарда долари. јт/
Фото: ЕПА