• понеделник, 23 декември 2024

Бочварски: Правиме регионални напори да обезбедиме непречен транспорт низ Коридорот 10

Бочварски: Правиме регионални напори да обезбедиме непречен транспорт низ Коридорот 10
Скопје, 25 март 2021 (МИА) - Ковид кризата уште повеќе ја истакна потребата за интегриран транспорт во насока на обезбедување на непречен проток на храна и медицинска опрема. Правиме регионални напори да обезбедиме непречен транспорт низ Коридорот 10, истакна денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на онлајн состанокот на министрите за транспорт во рамките на Процесот за соработка на земјите од Југоисточна Европа. Бочварски се обрати на состанокот, организиран на покана на министерот за транспорт и инфраструктура на Турција, на кој присутвуваа и министрите за транспорт од Црна Гора, Србија, Словенија, Бугарија, Хрватска, Албанија, Грција, Молдавија и Босна и Херцеговина. Се разговараше за соочување и надминување на негативните последици од Ковид пандемијата во делот на транспортот на стока. Усвоена е Декларација во која се истакнува важноста на регионалната соработка на земјите од регионот на Југоисточна Европа, за непречено одвивање на транспортот по транс европските транспортни мрежи. Како што рече Бочварски, 2020 беше година на предизвици од сите аспекти, особено во областа на транспортот, а главните активности што се преземаа беа во насока да овозможат непречен транспорт на стока. - Концептот „Зелена лента“ промовиран во регионот на Западен Балкан за време на здравственета криза како привремен брз одговор на тековната вонредна состојба може да постане пример за поефикасен и економичен систем за прекуграничните активности меѓу земјите. Податоците покажуваат дека приближно 80 проценти од транспортерите што ги користат гранични премини на ЦЕФТА ги користат зелените коридори, а 20 проценти од нив што превезуваат материјални добра имаат корист од приоритетното поминување, рече Бочварски. Заедно со регионалните организации, потенцираше министерот, се прават  напори за обезбедување непречен транспорт долж Коридорот 10. - Сите министри се согласија дека регионална соработка е од исклучително значење за преземање на синхронизирани активности во насока на намалување на севкупното негативно влијание врз транспортот и обезбедување на непречен проток на стока, информира Министерството за транспорт и врски. лв/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан