Борзаш се повреди на дуелот со Еурофарм Пелистер 2
- Левиот бек на Алкалоид Урош Борзаш на вчерашниот првенствен натпревар со Еурофарм Пелистер 2 доживеа повреда на левата дланка
Скопје, 26.октомври 2025 (МИА) – Левиот бек на Алкалоид Урош Борзаш на вчерашниот првенствен натпревар со Еурофарм Пелистер 2 доживеа повреда на левата дланка. По само неколку минути откако мина во игра, заедно со физиотерапевтот Тоше Трајковски го напушти теренот.
Борзаш се повреди во еден дуел во одбраната. Неизвесна е тежината на повредата, но српскиот репрезентативец ќе мора да биде на пауза.
Отсуството на Борзаш ќе биде големо особено во следниот период, бидејќи за Алкалоид следуваат дуелите: Вардар гости; Охрид гости; Тиквеш дома и Еурофарм Пелистер гости – сите во месец ноември.
Тренерот Лазаров на вчерашниот дуел на позицијата лев бек го користеше Емилијан Ѓорговски. мн/
Фото: Фејсбук РК Алкалоид