Алиу и Кузмановска по повод Европскиот викенд на органодонорство: Се спасуваат животи и се дава втора шанса
- Алиу уверува дека има постојана посветеност на унапредување на оваа дејност и стручно доусовршување на тимовите за трансплантација. Посочи дека изминатиот период, седум доктори хирурзи и специјалист-нефролог биле упатени на обука во Република Турција за трансплантација на бубрези. Во сегментот на трансплантација на црн дроб, двајца хирурзи се едуцирани исто така во Турција за трансплантација од жив донор.
Скопје, 10 октомври 2025 (МИА) - Од почетокот на годинава тимовите за трансплантација кои работат исклучително посветено и пожртвувано, извршија трансплантација на бубрези кај шест пациенти од починат донор, две трансплантации на црн дроб од починат донор, како и експлантации на коски и лигаменти, информираше денеска министерот за здравство Азир Алиу, кој учествуваше на работна средба по повод одбележување на Европски викенд на органодонорство, во организација на националниот координатор за трансплантација, проф.д-р Билјана Кузмановска и раководствата на универзитетските клиники за дигестивна хирургија, на урологија и на нефрологија.
Алиу уверува дека има постојана посветеност на унапредување на оваа дејност и стручно доусовршување на тимовите за трансплантација. Посочи дека изминатиот период, седум доктори хирурзи и специјалист-нефролог биле упатени на обука во Република Турција за трансплантација на бубрези. Во сегментот на трансплантација на црн дроб, двајца хирурзи се едуцирани исто така во Турција за трансплантација од жив донор.
- Дарувањето орган претставува највозвишен акт на хуманост и солидарност, а воедно е надеж за пациентите - светлото на крајот од тунелот што им го спасува и продолжува животот. Нашата тенденција е што е можно почесто да зборуваме за органодонорството како исклучително значајна медицинска и општествена тема, рече министерот Алиу.
Како што информира Министерството за здравство, одбележувањето на Европскиот викенд на органодонорство е на иницијативна на Европската комисија со цел подигнување на јавната свесност за важноста на овој чин кој спасува човечки животи.
Проф. д-р Кузмановска упати искрена благодарност до сите дарители и нивните семејства, кои дури и во моменти на најголема болка, донеле храбра одлука да подарат живот.
- Органодонорството претставува еден од највисоките изрази на човечка добрина — чин со кој се спасуваат животи и се дава втора шанса, порача проф. д-р Кузмановска.
Директорот на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија, д-рОгнен Костовски информираше дека клиниката има направено голем исчекор во трансплантациите на црн дроб, кои се едни од најсложените трансплантации и претставуваат голем предизвик за медицинските тимови.
Д-р Башким Шабани, директор на Клиниката за урологија, пак, се осврна на унапредување на новиот Центар за трансплантација, кој е целосно реновиран, како и на континуираното зголемување на бројот на тимовите кои ја вршат трансплантацијата, додека директорот на Клиниката за нефрологија, д-р Никола Ѓорѓиевски укажа на важноста на органодонорството, посебно за лицата со бубрежна болест, што претставува најдобар метод за нивно лекување. лв/дма/
Фото: Министерство за здравство