Турција ги осуди израелските напади врз Газа и повикува на глобална акција
- Турција денеска ги осуди најновите израелски напади врз Газа, наведувајќи дека масовното убивање Палестинци претставува нова фаза во, како што ја опиша, „политиката на геноцид“ на Владата на Нетанјаху.

Анкара, 18 март 2025 (МИА) - Турција денеска ги осуди најновите израелски напади врз Газа, наведувајќи дека масовното убивање Палестинци претставува нова фаза во тоа, што го опиша како „политика на геноцид“ на Владата на Нетанјаху.
„Израел му пркоси на човештвото со кршење на меѓународното право и универзалните вредности на најсериозен начин“, се вели во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.
Во него се предупредува дека агресивните акции на Израел ја загрозуваат регионалната стабилност во момент кога се интензивираат меѓународните напори за мир.
„Агресијата што ја покажа израелската Влада ја загрозува иднината на регионот. Неприфатливо е Израел да предизвикува нова спирала на насилство“, се наведува во соопштението од Министерството.
Анкара ја повика меѓународната заедница да заземе цврст став против Израел, повикувајќи на итна акција за траен прекин на огнот и испорака на хуманитарна помош за Газа.
Потврдувајќи ја позицијата на Анкара, Министерството ја нагласи и непоколебливата поддршка на Турција за палестинската кауза и посветеноста на регионалните мировни иницијативи. рп/
Фото: МИА архива