Германија ќе ја номинира Бербок за претседател на Генералното собрание на ОН
- Германија ќе ја номинира германската министерка за надворешни работи во заминување Аналена Бербок за претседател на Генералното собрание на ОН, едногодишен мандат кој треба да започне во септември, изјави денеска извор близок до властите.
- Post By Марија Спасовска
- 21:32, 18 mars, 2025

Берлин, 18 март 2025 (МИА) - Германија ќе ја номинира германската министерка за надворешни работи во заминување Аналена Бербок за претседател на Генералното собрание на ОН, едногодишен мандат кој треба да започне во септември, изјави денеска извор близок до властите.
Анален Бербок (44) е шеф на германската дипломатија од декември 2021 година и наскоро ќе ја напушти таа функција по парламентарните избори одржани во Германија во февруари.
Конзервативниот блок кој освои најмногу гласови на изборите избра да преговара за формирање коалициска влада со Социјалдемократската партија (СПД), која во идната опозиција ќе ги стави Зелените, партијата на Анален Бербок.
Филемон Јанг, поранешен премиер на Камерун, е актуелен претседател на Генералното собрание на ОН, позиција која традиционално е резервирана за високи дипломати и ротира секоја година, а таа позиција ја зазема земја од различен регион во светот.
Според овој принцип, ротирачкото претседателство треба да се врати на групата западноевропски и други држави, составена од Турција, Израел, САД, Канада, Нов Зеланд и Австралија за периодот 2025-2026 година.
Германската влада првично ја предложи дипломатката Хелга Шмид за оваа позиција.
Изборот за претседател на Генералното собрание на ОН е закажан за почетокот на јуни, а инаугурацијата ќе се одржи во септември. мс/
фото: МИА архива