• e mërkurë, 19 mars 2025

Генералштаб на украинските вооружени сили: Областа меѓу Суми и Курск е под наша контрола

Генералштаб на украинските вооружени сили: Областа меѓу Суми и Курск е под наша контрола

Киев, 18 март 2025 (МИА) - Состојбата на границата меѓу украинскиот регион Суми и руската област Курск останува под контрола на украинските сили, објави на Фејсбук, Генералштабот на вооружените сили на Украина.

-Извештаите кои кружат на социјалните мрежи за руските сили кои напредуваат длабоко во регионот Суми се лажни. Руските окупатори се обидуваат да влезат во одредени погранични населби во мали групи. Сепак, поради добро координирани акции и однапред воспоставен одбранбен систем, непријателските сили брзо се елиминирани со помош на украинската огнена моќ, се вели во соопштението.

Генералштабот објави дека украинските бранители успешно ги одбиваат сите непријателски обиди да се зацврстат во регионот Суми, нанесувајќи им големи загуби на руските трупи. „Командата на вооружените сили на Украина ги презема сите неопходни мерки за да ги зајакне нашите сили со технички ресурси и резерви“, се додава во соопштението.

Според нив, украинските сили продолжуваат да држат позиции во руската област Курск.

-Важно е да се забележи дека непријателот ја продолжува својата психолошка и информативна борба, ширејќи пропагандни наративи насочени кон дискредитирање на военото раководство, сеење паника и поткопување на довербата во украинското општество, се вели во соопштението, во кое се повикуваат граѓаните да се потпираат само на официјални извори на информации.

Претходните извештаи покажаа дека значителен број руски единици вклучени во операцијата Курск биле забележани како се приближуваат до украинската граница во близина на регионот Суми. мс/

фото: ЕПА

QËNDRONI TË LIDHUR