Социјалните работници бараат поголеми мерки на заштита, социјалната работничка од Прилеп во стабилна состојба
- Од собирите беа побарани итни мерки за заштита - нападот врз нив да се третира како напад врз службено лице, да имаат физичко обезбедување, психосоцијална поддршка, подобри услови за работа и построги санкции за насилниците.
- Post By Блаже Дарудов
- 15:31, 25 mars, 2025

Скопје, 25 март 2025 (МИА) - Социјални работници во Прилеп, Неготино и Тетово во текот на денешниот ден изразија поддршка за нивната 36-годишна колешка, која вчера беше ранета од огнено оружје. Побараа итни мерки за заштита - нападот врз нив да се третира како напад врз службено лице, да имаат физичко обезбедување, психосоцијална поддршка, подобри услови за работа и построги санкции за насилниците.
- Социјалните работници секојдневно се соочуваат со закани, вербални и физички напади додека ја вршат својата должност за заштита на најранливите категории граѓани. Недостатокот на безбедносни мерки во институциите каде што работиме сериозно го загрозува не само нашето физичко здравје и менталното здравје, туку и квалитетот на услугите што ги обезбедуваме, изјави Павлинка Волканоска, социјален работник од Неготино.
Ѓурѓица Новеска, социјален работник од Тетово рече дека на службеник кој решава сензитивни прашања, никој не треба да му врши притисок врз здравјето и работата.
Директорот на прилепскиот Центар за социјални работи Зоран Малкоски смета дека ова пукање е и напад на околу 1.200 вработени во сите 30 центри за социјални работи низ државава.
- Не знам што треба да се преземе. Ова е специфична институција каде 90 отсто од населението доаѓа за да се решаваат нивните проблеми. Точно е дека секојдневно добиваме вербални, па и физички закани. Мора нешто да се преземе, но, треба консулстација на ниво на Министерство, рече Малкоски.
Тој рече дека не знае зошто не биле информирани за бегството на осомничениот од Психијатриската болница во Демир Хисар.
- Не знам сѐ уште зошто никој не нѐ извести за бегството на осомничениот кого добро го знаеме. Се зачудив кога го видов во просториите. Моите обиди да стапам во контакт со директорот на Психијатриската болница беа безуспешни, додаде Малкоски.
Во Центарот за социјални работи неколку години се водел предмет за осомничениот во бракоразводна парница.
- Во почетокот, колешката која е ранета беше дел од тимот, но, подоцна кога кажа дека добивала закани од него, ја отстранивме, појасни Малкоски.
Социјалната работничка, која вчера беше повредена на работното место, е во стабилна состојба. Според Малкоски, дел од вработените побарале медицинска помош по трауматскиот настан со пукањето вчера околу 14 часот.
Државното јавно обвинителство попладнево соопшти дека покренува истрага против 50-годишниот прилепчанец кој се сомничи за кривично дело „ обид за убиство“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје експлозивни материи“. За него, Обвинителството бара мерка притвор. бд/бак/
Фото: МИА архива