• e shtunë, 15 mars 2025

Саем на македонска традиционална храна во Скопје

Саем на македонска традиционална храна во Скопје

Скопје, 15 март 2025 (МИА) - Саем на македонска традиционална храна се одржува денеска во Скопје, во организација на Националната федерација на фармери (НФФ), со поддршка од Шведска и We Effect, преку проектот за јакнење на малите фармери и нивните пазарни врски.

 - Овие настани, НФФ ги организира за своите членови - оператори за храна кои се сертифицирани согласно правилниците на Агенцијата за храна и ветерина (АХВ). На овие саеми, сѐ што е изложено е стандардизирано и убаво брендирано, квалитетно и безбедно. Федерацијата лобираше да се донесат правилниците за продажба од куќен праг, каде сите преработки од земјоделците можат легално да се продаваат регистрирани преку АХВ, како мали оператори на храна. Ние лобиравме и за измени на законот за вино, каде лозарите можат да се регистрираат како семејни винарии. И токму денеска има од сите нив на саемот. На овој настан има многу рурални жени кои се операторки за храна и членки на Националната федерација на фармери, појаснија организаторите на настанот.

Притоа, истакнаа дека вакви саеми организираат три до четири пати во годината.

- Федерација лобираше и за добивање и на грантови за нив. И за операторите за храна и за семејните винарии, нагласија од Федерацијата.

Се упати порака да се откријат богатите ароми и традиционалните рецепти што ги носат корените на нашите рурални заедници.

- Поддржете ги македонските производители и уживајте во вистински, домашни вкусови. Можете да ги запознаете изложувачите, дегустирајте локални производи и дознајте повеќе за традициите што нѐ поврзуваат. Поддржете локално, вкусете автентичнo, порачаа од Федерацијата.

Душко Андов од кавадарчкото село Марена поседува мала винарија „Ерос“, произведува и продава сок од грозје, маџун и вино.

- Гроздовиот сок претставува стопроцентно природен производ, произведен од внимателно одбрани насади, на традиционален начин, без додаток на конзерванси, шеќери и вода. Во палетата на винаријата се застапени осум сорти на вино. Вкупниот капацитет на винаријата е 12.000 литри вино и 10.000 литри гроздов сок, како и одредена количина на домашно произведен маџун, појасни Андов за МИА.

Младата Ангела Јовановиќ, дипломиран инженер по лозарство и овоштарство, е исто така дел од саемот. Таа за МИА сподели дека традиционалниот рецепт на маџун станува нејзина визија за напредок и иновативно семејно земјоделство. Ангела годишно произведува 2.000 литри маџун. бд/аа/

Фото: МИА

QËNDRONI TË LIDHUR