Приведени две одговорни лица на угостителски објекти во скопски Центар поради пуштање музика за време на седумдневна жалост (ДПЛ)
- Полицијата лишила од слобода две лица на возраст од 26 и 22 години, кои во текот на вчерашниот ден како одговорни лица на угостителски објекти во скопски Центар пуштале музика за време на седумдневна жалост.
- Post By Андреја Ристески
- 15:06, 22 mars, 2025

Скопје, 22 март 2025 (МИА) – Полицијата лишила од слобода две лица на возраст од 26 и 22 години, кои во текот на вчерашниот ден како одговорни лица на угостителски објекти во скопски Центар пуштале музика за време на седумдневна жалост.
Како што се наведува во соопштението на МВР, лицата Ф.А. од скопско и В.В. од Скопје не ја почитувале одлуката на Владата за седумдневната жалост, по што полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода двете лица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело по член 387 од Кривичниот законик.
– На 21/22.03.2025 во Скопје, во угостителски објекти на подрачјето на Центар, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода Ф.А.(26) од скопско и В.В.(22) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело по член 387 од Кривичниот законик. Во текот на вчерашниот ден во угостителски објекти каде тие се одговорни лица била пуштена музика односно не била почитувана одлуката на Владата за седумдневна жалост, стои во соопштението.
По документирање на случаите, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави во врска со член 387 од Кривичниот законик кој гласи:
„Тој којшто ќе организира други на отпор или на непослушност спрема законити одлуки или мерки на државен орган, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години“.
Владата прогласи седумдневна жалост минатата недела по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во кој животот го загубија 59 лица, а околу 200 беа повредени. ра/цр/
Фото: МИА архива