• e diel, 27 tetor 2024

Почна кампањата за „Денови за донирање“, за првпат посебен фонд за превенција и заштита од пожари

Почна кампањата за „Денови за донирање“, за првпат посебен фонд за превенција и заштита од пожари

Скопје, 25 октомври 2024 (МИА) - Пред „Ист гејт мол“, попладнево свечено беше отворена кампањата „Денови за донирање“. Граѓаните во наредниот период ќе можат да се вклучат во активности на разни организации и да ја покажат хуманоста на дело, а за првпат е формиран и посебен фонд за превенција и заштита од пожари.

Никица Кусиникова, извршна директорка на здружението „Конект“, пред присутните рече дека секој од нас преку донирањето може да биде херој во својата заедница.

- Во текот на овие месец ипол ќе имате можност низ цела Македонија да се вклучите во активности на преку 20 граѓански организации, што прибираат средства за нивни проекти за едукација на младите и децата, за унапредување на квалитетот на животот во заедниците, за подобро здравје и годинава за првпат, отпочнуваме со формирање посебен фонд за превенција и заштита од пожари. Сакаме да ги поддржиме волонтерите, доброволните пожарникарски друштва да можат да обезбедат опрема, да прават едукација на населението, да го подготват теренот за заштита и превенција од пожари и да им овозможиме успешно да ја вршат својата работа, а ние да продолжиме да се чувствуваме безбедни, појасни таа.

Ги повика граѓаните да волонтираат во која било организација што ќе има настани следниов период, во текот на кампањата.

- Овие деца тука се сведок како, без оглед на возраста, секој од нас може да одвои од своето време за добробит на заедницата, истакна Кусиникова.

Марјан Митриновски од Доброволното противпожарно друштво на Пехчево за МИА изјави дека опрема секогаш е потребна.

- Опрема секогаш треба. Таа што ја имаме, се оштетува на терен кога одиме. Нас ни изгоре и возило во еден несреќен случај. Имавме противпожарно возило, еден џип со пумпа, што изгоре во пожар. Сега немаме возило, но, се надеваме дека со овие донации ќе дојдеме до некое за да функционираме многу подобро во справување со пожарите, поплавите и слично, подвлече тој во изјава за МИА.

Митриновски потсети дека во неговиот регион имаше големи шумски пожари.

- Се справивме со пожарите, но, ни изгоре доста голем дрвен фонд. Високостеблени црнборови и белборови шуми. Имаме големи штети. Ние сме спремни секогаш да реагираме, но, се надеваме дека пожарите нема да се повторат, истакна Митриновски.

Според Митриновски кај младите има интерес да станат пожарникари или да волонтираат.

- Ние ги едуцираме, доста сме задоволни од интересот кај нив. Нашето друштво има околу 25 активни членови, кои на секој повик одговараме, ден и ноќ. Ние Македонците сме хуман народ, тоа сме го покажале на дело многупати. Без разлика дали во ситуација на пожари, поплави, што било, нагласи тој, истакнувајќи дека потребна е поголема поддршка од државата за доброволните противпожарни друштва.

Дека е потребна поголема поддршка од државата, истакна и директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

- Со некои од овие луѓе заедно учествувавме во гаснењето на некои од најтешките пожари, што летото ја зафатија нашата татковина. И тоа не само ова лето, туку и претходното. Многумина од нив лично ги познавам и сметам дека државата и централната и локалната власт, треба да се погрижат уште повеќе за овие луѓе. Но, не треба да се заборават ниту општество одговорните компании што со својата донација можат да помогнат, некои од овие луѓе да се доопремат или повторно да се опремат, доколку немаат никаква опрема, рече тој пред присутните, повикувајќи ги сите општествено одговорни компании да ја помогнат оваа хуманитарна акција.

Кирил Михајлов од Доброволното противпожарно друштво на Свети Николе и претседател на Мрежата на македонските доброволни противпожарни друштва, апелираше до сите добронамерни луѓе во државата, до целата бизнис заедница, да го поддржат овој благороден фонд.

На настанот, организаторите појаснија дека „Конект“ и партнерите го објавуваат започнувањето на „Деновите за донирање“, коишто имаат за цел да ги инспирираат луѓето да го донираат своето време, ресурси, а преку различни активности нудат можности тоа да го прават преку креативност и негување поздрави животни навики. Почнувајќи од денеска, преку оваа иницијатива се повикуваат поединците, семејствата, бизнисите и заедниците да се здружат и заедно да направат позитивно влијание во општеството.

- Филантропските активности и годинава здружуваат донации во донаторскиот фонд на „Конект“ од каде се доделуваат средства за проверени и влијателни иницијативи на граѓански организации. Средствата што ќе се приберат се наменети за Мрежата на македонските доброволни противпожарни друштва, нашите волонтери - херои кои ги заштитија нашите шуми од катастрофалните штети на дивите пожари без соодветни алатки или заштитна облека, за организацијата „Палиум“, оние кои даваат специјална грижа, помагала и поддршка на семејствата чии членови се борат со рак, „ИМКА Битола“, младинската асоцијација што работи на едукацијата и активирање на младите луѓе и „Отворете ги прозорците“, организација со центар за развојот на децата со попреченост со помош на технологија, беше појаснето пред почетокот на настанот.

Граѓаните може да донираат и со повик на 143-333, покрај учеството на низа настани како добротворни базари, модни аукции, натпревари и така натаму.

Настанот e организиран во рамки на проектот на УСАИД - „Партнерства за донирање“, спроведуван од „Конект“, a во партнерство со Европскиот центар за непрофитно право, Стопанската комора на северо-западна Македонија, „Индиго“ и Американската стопанска комора во Северна Македонија. бд/аа/

Фото: МИА

QËNDRONI TË LIDHUR