Повеќе од 528.500 загинати во речиси 14 години војна во Сирија
- Повеќе од 528.500 луѓе загинаа во војната во Сирија, соопшти денеска Сириската опсерваторија за човекови права (SOHR) по речиси 14 години разорен конфликт предизвикан од репресијата на продемократските протести против владата на претседателот Башар ал Асад, кој беше соборен на 8 декември.
- Post By Марија Спасовска
- 17:48, 1 janar, 2025
Дамаск, 1 јануари 2025 (МИА) - Повеќе од 528.500 луѓе загинаа во војната во Сирија, соопшти денеска Сириската опсерваторија за човекови права (SOHR) по речиси 14 години разорен конфликт предизвикан од репресијата на продемократските протести против владата на претседателот Башар ал Асад, кој беше соборен на 8 декември.
Повеќе од 181.939 цивили се меѓу повеќе од 528.592 убиени луѓе од почетокот на војната во 2011 година, вклучувајќи најмалку 15.207 жени и 25.284 деца, како и борци, соопшти опсерваторијата.
Таа бројка вклучува смртни случаи од 2024 година, но и илјадници други смртни случаи за време на воените години што опсерваторијата неодамна можеше да ги потврди.
Вкупно за 2024 година, обележана во декември со падот на Башар ал Асад од власт, опсерваторијата наведе дека загинале 6.777 луѓе. Меѓу нив има 3.598 цивили, меѓу кои 240 жени и 337 „деца помлади од 18 години“, се вели во извештајот на организацијата со седиште во Велика Британија со огромна мрежа на извори во Сирија.
Покрај тоа, убиени се 3.179 борци од различни завојувани страни, вклучително и силите на „стариот режим“, „исламистичките вооружени групи“ и џихадистите, додава опсерваторијата.
Во текот на 2023 година, беа убиени 4.360 луѓе, вклучително и речиси 1.900 цивили.
Конфликтот, кој започна на 15 март 2011 година како народно востание кое беше насилно задушено, стана покомплексен со интервенцијата на меѓународните актери и приливот на џихадисти од целиот свет, на територија фрагментирана од војна.
Влегувањето во Дамаск на 8 декември на бунтовничката коалиција предводена од радикалната сунитска исламистичка група Хајат Тахрир ал-Шам доведе до крај на режимот.
Повеќе од половина век, семејството Асад владее со Сирија, потиснувајќи ја целата опозиција и задушувајќи ги јавните слободи.
Од 2011 година, Опсерваторијата може да ја потврди смртта на повеќе од 64.000 луѓе во затворите на поранешниот режим „поради тортура, медицинска небрежност или лоши услови“ на притвор. мс/
фото: МИА архива