Пакистан воведе нови мерки по предупредувањето на ОН за смог
- Пакистанската влада нареди затворање на училиштата низ целата провинција Пенџаб, додека пазарите ќе бидат затворени во 20 часот, а сите јавни и приватни фирми се упатени да го намалат персоналот за половина, изјави регионалната министерка, Маријум Ауранџеб.
- Post By Сашко Димевски
- 14:20, 12 nëntor, 2024
Исламабад, 12 ноември 2024 (МИА) - Пакистан денеска воведе нови мерки за контрола на токсичниот смог по предупредувањето на Обединетите нации дека повеќе од 11 милиони деца може да бидат изложени на ризик од инфекции на белите дробови, јави ДПА.
Пакистанската влада нареди затворање на училиштата низ целата провинција Пенџаб, додека пазарите ќе бидат затворени во 20 часот, а сите јавни и приватни фирми се упатени да го намалат персоналот за половина, изјави регионалната министерка, Маријум Ауранџеб.
Владата на Пенџаб претходно во текот на ноември нареди затворање на училиштата во осум големи градови, како и затворање на одредени бизниси како што се фабриките за печење тули за да се контролираат емисиите на штетни гасови, потсети германската агенција.
Агенцијата на ОН за деца – УНИЦЕФ предупреди дека повеќе од 11 милиони деца под петгодишна возраст од регионот, кои дишеле од токсичниот воздух, може да бидат изложени на ризик од инфекции.
„Малите деца се најмногу погодени од загадениот воздух бидејќи имаат помали бели дробови и немаат имунитет што доаѓа со возраста“, се додава во соопштението на УНИЦЕФ.сд/
фото:МИА архива