ЛДП: Строги контроли не само во локалите, туку и во детските градинки, училиштата и другите големи објекти
- СООПШТЕНИЕ -

Скопје, 20 март 2025
Не може да се најдат вистинските зборови со кои ќе се опишат траорот и тагата од трагедијата која се случи во Кочани и нашите мисли и молитви во овие тешки моменти се со семејствата и најблиските на погодените во оваа несреќна катастрофа.
Додека не е повторно предоцна, како партија бараме зголемување на степенот на безбедност во повеќе места.
Строга и итна контрола во детските градинки, основни и средни училишта, но и факултети дали и тие ги почитуваат стандардите за безбедност, како и во колективните станбени и во сите останати објекти, каде вообичаено има голема концентрација и фреквенција на луѓе.
Секој од овие објекти мора да има задолжителна опрема за противпожарна/хидрантна заштита, оспособени и јасно означени повеќе излези за итни ситуации, контрола на капацитетите за прием на луѓе во една просторија, како и редовни обуки на вработените, скалите и ходниците за евакуација мора да бидат чисти и слободни, а секој објект да мора да има на јавно и видливо место истакнат План за евакуација и да се утврди дали се почитуваат стандардите за безбедност воопшто.
Најголем дел од младината во Македонија посетува настава во стари, дотраени и често оштетени објекти, кои дури и при најмалата незгода, може лесно да се претворат во стапици за сите кои во моментот ќе се најдат во нив.
Воедно, апелираме на хумано планирање на инфраструктурата, со цел улиците да се секогаш чисти и слободни за проток на противпожарни, полициски и амбулантни возила.
ЛДП апелира до општините да ги стават во функција своите капацитети и согласно своите законски надлежности, да излезат на терен и да постапуваат секаде каде што ќе се воочат недостатоци, без оглед на партиската припадност на сопствениците и функционерите.
Корупцијата, профитот и алчноста од минатото, денес го земаа данокот со десетиците жртви во Кочани, една од најстрашните трагедии кои ја погодиле Македонија.
Овој трагичен период кој ја зави во црно целата земја, нека биде вечен потсетник и последен пат кога сите ние ќе се соочиме со трагедија од ваков тип и големина.
Да покажеме сите заедно дека како општество од оваа трагедија ја научивме лекцијата, да делуваме и да не дозволиме вакво нешто никогаш повеќе да се повтори.
Либерално-демократска партија
_____________________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки
Фото МИА архива