Кошта: Сите сакаме мир во Украина, но Унгарија има поинаков пристап од останатите 26 членки на ЕУ
- Тука нема поделба. Ние 26 земји продолжуваме да ја поддржуваме Украина, како што тоа го правиме од првиот ден (на руската инвазија) на 24 февруари 2022 години и ќе продолжиме со тоа обединети, рече Кошта на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен по завршувањето на Самитот.
- Post By Сашко Панајотов
- 00:50, 7 mars, 2025

Брисел, 7 март 2025 (МИА) - Сите сакаме мир, а разликата е во тоа што 26 земји веруваат дека патот до мирот е преку зајакнување на капацитетите на Украина, додека Унгарија има поинаков став, изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во врска со неуспехот на лидерите на ЕУ на вчерашниот Самит да усвојат заклучоци за поддршка на Украина, поради противењето на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
- Тука нема поделба. Ние 26 земји продолжуваме да ја поддржуваме Украина, како што тоа го правиме од првиот ден (на руската инвазија) на 24 февруари 2022 години и ќе продолжиме со тоа обединети, рече Кошта на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен по завршувањето на Самитот.
Кошта нагласи дека во ЕУ останува силната поддршка за Украина од 26 од 27-те земји членки, кои имаат заедничката позиција, а всушност само Унгарија има поинаков пристап.
- Тоа значи дека Унгарија е изолирана меѓу 27-те. Ние ја почитуваме позицијата на Унгарија, но тоа е кога се 27, 26 е повеќе од еден, додаде Кошта.
Тој нагласи дека безбедноста на Украина е во сржта на безбедноста на Европа и затоа ЕУ ја поддржува земјата уште од првиот ден на руската инвазија.
- Веќе обезбедивме повеќе од 135 милијарди евра поддршка за Украина од 2022 година. Нашата поддршка е непоколеблива - ако војната продолжи, во сите идни мировни преговори, во обновата и во пристапувањето кон Европската Унија, рече претседателот на Европскиот совет.
Кошта истакна дека европските лидери го задолжиле Советот на ЕУ да работи итно на понатамошни иницијативи за решавање на итните воени и одбранбени потреби на Украина, нагласувајќи дека Унијата се подготвува да ја поддржи Украина кога таа ќе одлучи да се вклучи во мировните преговори и да и помогне да постигне позитивен исход од нив, односно праведен и траен мир.
- Ова е пресвртница за Европа. И денеска покажавме дека Европската Унија се справува со предизвикот. Градиме Европа на одбраната и застануваме зад Украина. Затоа што, на крајот на денот, она што сите го сакаме, она што сите го заслужуваме и за што сите работиме, се мирот и безбедноста, потенцира Кошта.
На прашање дали ЕУ е во состојба да и гарантира безбедност на Украина, без поддршка од САД, Кошта истакна дека најдобра гаранција за безбедноста се самите Украинци, кои повеќе од три години се спротивставуваат на руската инвазија.
- Ние ќе продолжиме со поддршката и натаму, дури и по војната... Безбедносните гаранции за иднината на Украина се од суштинско значење за безбедноста на Европа, но исто така и за меѓународната безбедност, бидејќи оваа војна не е само за Украина, туку е и за почитување на меѓународното право, почитување на меѓународниот поредок заснован на правила, почитување на суверенитетот и спроведување на меѓународното право, рече Кошта, додавајќи дека резултатите од последното гласање во Генералното собрание на ОН покажале голема меѓународна поддршка за Украина, па затоа „меѓународното право мора да надвладее и војната мора да биде поразена“.
Фон дер Лајен од своја страна нагласи најдобра безбедносна гаранција за Украина е украинската армија, па затоа ЕУ работи да им овозможиме на своите земји членки преку заеднички набавки да ги обезбедат потребните воени капацитети за земјата и да ја поддржат нејзината „извонредна армија“.
Таа додаде дека сите сакаме мир, но дека само преку зајакнување е можен праведен и траен мир, а постигнувањето на таков мир е во интерес и на американскиот претседател Доналд Трамп.
- Тоа може да се постигне само со поддршка на Европската Унија и нејзините земји членки. Ние бевме тие што, на пример, го обезбедивме економскиот опстанок на Украина за 2025 година. Ние бевме тие кои се грижиме енергетскиот систем во Украина да опстои во текот на зимата и обезбедивме 1,8 гигавати енергија за енергетскиот систем, што овозможи да се протурка зимата. Има толку многу примери кои покажуваат колку е важна поддршката на Европа за да се дојде до позитивно решение. Мирот преку зајакнување е во интерес на сите, рече Фон дер Лајен.
Таа додаде дека поддршката од ЕУ за вооружените сили на Украина никогаш не била поитна и затоа Унијата заедно со Киев и со одбранбената индустрија ќе работи за задоволување на потребите на украинската армија.
Фон дер Лајен нагласи дека прашањето за поддршката на Украина е важно за земјите членки, но и за партнерите на ЕУ, па затоа таа и Кошта утрово ќе ги брифираат партнерите за резултатите од Европскиот совет.
Осврнувајќи се на заклучоците од Самитот посветени на европската одбрана, Кошта нагласи дека денешниот ден претставува клучен момент за Европа и за безбедност на Европејците, со решителната одлука за создавање на силна и посуверена „Европа на одбраната“.
- Донесовме конкретни одлуки да обезбедиме нови ресурси, нови алатки, нови инструменти за нашите одбранбени капацитети. Тоа значи да инвестираме во нашата економија и да ги заштитиме нашите граѓани, рече Кошта.
Тој нагласи дека е донесена одлука да се инвестира во приоритетните области на одбраната, како противвоздушната и ракетната одбрана, артилериските системи, ракетите, муниција, беспилотните летала, воената мобилност, вештачката интелигенција и кибер и електронската заштита, да се мобилизираат дополнителни јавни и приватни средства за одбранбените потреби и земјите членки заедно да инвестираат подобро и поефикасно преку заеднички набавки.
- Ние го исполнуваме она што го ветивме. Да го зајакнеме нашето одвраќање. Да ја зајакнеме безбедноста на нашите граѓани. И, во тој процес, да се зајакне конкурентноста на Европа и нашата технолошка и индустриска база, рече Кошта, додавајќи дека посилната европска одбрана обезбедува и одвраќање за Украина и напорите за зајакнување на европската одбрана ќе бидат од корист и за Украина.
Фон дер Лајен, пак, оцени дека со одлуките на овој Самит се испишува историја, затоа што од него ЕУ излегува решена да ја гарантира безбедноста на Европа и да дејствува брзо и решително согласно тоа како налага ситуацијата.
- Решени сме да инвестираме повеќе, да инвестираме подобро и да инвестираме побрзо заедно, од Париз, преку Лондон, до Брисел. Покажавме дека сме подготвени и способни да ги засилиме нашите заеднички напори и ефикасно да се координираме, рече Фон дер Лајен.
Таа истакна дека факт е оти Европа се соочува со јасна и актуелна опасност и затоа на европските лидери им презентирала план што ќе и овозможи на Европа да ја зајакне својата воена способност за да може да се соочи со денешните закани и да мобилизира до 800 милијарди евра за потребите на одбраната.
- Се работи за преземање поголема одговорност на нашите рамења за сопствената безбедност, бидејќи итноста за тоа е реална, додаде Фон дер Лајен, најавувајќи дека пред следниот редовен Европски совет на 20 и 21 март, Европската комисија ќе презентира детална правна рамка за нејзиниот План за повторно вооружвање на Европа, како и „омнибус за поедноставување“ за одбраната. сп/
Фото: ЕПА