• e premte, 05 korrik 2024

Во Кратово концерт „Традицијата патува"

Во Кратово концерт „Традицијата патува

Кратово, 26 јуни 2024 (МИА) - Со вечерашниот концерт пред платото на Домот на култура „Лазар Софијанов" во Кратово, во 19 часот, започнува мини-концертната турнеја на Универзитетскиот „Ансамбл Македонија" и Австралиско-македонската младинска асоцијација „Никола Карев", Австралија, што ќе направи спој на автентична традиционална македонска култура и традиција и стилизирана форма на културата од страна на австралиската асоцијација.

Тијана Јаневска од „Ансамбл Македонија" при Универзитет "Гоце Делчев", Штип, информира дека ова е прва соработка со австралиската асоцијација што ќе понуди еден несекојдневен настап и програма.

-Концертот ќе започне со заедничка изведба на нашата позната поздравна песна „Добро дошле китени сватови", што е прво претставување во ваков состав. Програмата ќе понуди традиционални форми на автентична македонска традиција, од нашите членови и стилизирана во изведба на австралиската асоцијација преку: „Копачија", „Седнал Марко", „Роненка", „Железник", „Пиринско пролетно цвеќе" и други, а куриозитет на концертот е солистичката изведба на Кајла Кагиоглоу, која ќе настапи со свои авторски македонски народни песни, рече Јаневска.

Концертите „Традицијата патува" продолжуваат во Крива Паланка, утревечер, на плоштадот Карпошово востание, потоа во Пробиштип и завршуваат на 2 јули во Вевчани.

Австралиско-македонската младинска асоцијација „Никола Карев" е формирана во 1977 година во Мелбурн, Австралија, во составот членуваат Македонци од дијаспората во оваа прекуокеанска земја, кои со децении ја промовираат македонската традиција ширум светот.  Досега настапувале во САД, Канада, Хаваи, шести пат гостуваат во државава, додека соработката со „Ансамбл Македонија" како интересна културна симбиоза се реализира првпат.

- Се надевам дека отпочнатата соработка преку нашиот проект ќе продолжи да се негува и ќе донесе нови можности и потенцијална идна поголема соработка за промоција и афирмација на македонската традиција и култура, додаде Јаневска.ид/лв/

фото: плакат

QËNDRONI TË LIDHUR