Бербок во Дамакс ја отвори Амбасадата на Германија
- Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок денеска во Дамаск официјално ја отвори Амбасадата на Германија, што беше затворена во 2012 година по почетокот на граѓанската војна
- Post By Марина Илиевска
- 10:32, 20 mars, 2025

Дамаск, 20 март 2025 (МИА) - Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок денеска во Дамаск официјално ја отвори Амбасадата на Германија, што беше затворена во 2012 година по почетокот на граѓанската војна.
Тоа е втора посета на Бербок на Сирија по соборувањето на поранешниот претседател Башар ал Асад. Таа ќе се сретне со претставниците на сириската преодна влада и претставници на граѓанското општество, како и со привремениот претседател Ахмед ал Шара.
Посетата на германската министерка за надворешни работи е само две недели по жестоките судири во северозападна Сирија во кои загинаа стотици луѓе.
Бербок претходно го осуди „целното убиство на цивили“ за време на неодамнешните судири, нарекувајќи ги „ужасно злосторство“ што значително ќе ја наруши меѓусебната доверба. Сепак, таа ја потврди посветеноста на Германија да продолжи да обезбедува хуманитарна помош за Сирија и сигнализираше потенцијално олеснување на санкциите доколку се исполнат одредени услови.
- Можен е нов политички почеток меѓу Европа и Сирија, меѓу Германија и Сирија, истакна Бербок, додавајќи дека тоа ќе бара јасна посветеност за обезбедување слобода, безбедност и еднакви можности за сите Сиријци, без оглед на нивниот пол, етничка припадност и религија.
Башар Асад владееше со Сирија повеќе од две децении. По молскавична офанзива на исламистичката група Хајат Тахрир ал Шам на крајот од минатата година, тој беше соборен и побегна во Русија. Оттогаш, новата преодна влада и привремениот претседател Ахмед ал Шара се обидуваат да ја вратат безбедноста и да ја оживеат националната економија. ми/
фото: ДПА