Американско експериментално летало изведе динамичен маневар за аеросопирање
- Вселенското летало наречено „Орбитално-тест возило“ на американските вселенски сили - „Икс-37-Б“ е во Земјината Орбита повеќе од една година.
- Post By Слободан Иванов
- 12:54, 23 janar, 2025
Вашингтон, 23 јануари 2025 (МИА) - Вселенското летало наречено „Орбитално тест-возило“ на американските вселенски сили - „Икс-37-Б“ е во Земјината Орбита повеќе од една година. Новоста е во тоа што, во рамки на потфатот „ОТВ-7“, леталото изведе тн. динамичен маневар за аеросопирање за менување на својата патека околу Земјата.
Се работи за воен вселенски авион - поставен на поголема височина од која било претходна мисија со вселенски авион. Од оваа област, американските вселенски сили, со поддршка од Канцеларијата за брзи способности на воздухопловните сили, спроведоа експерименти поврзани со ефектите на зрачењето и ги тестираа технологиите за тн. „свесност за вселенски домен“. Целта е успешно преместување на вселенскиот авион заради заштеда на гориво.
За леталото, ова беше прв таков маневар, што „Боинг“ компанијата-производител на „Икс-37-Б“, го наведе во минатогодишниот извештај.
Аеросопирањето е сложен потфат и сѐ уште не е соопштено дали маневарот воопшто е завршен. Сѐ се спроведува во одредена тајност. Во случај на успешна мисија, леталото без екипаж треба да продолжи да врши тестови и експерименти. Авионот потоа ќе ја напушти својата орбита и ќе се врати на Земјата, каде што, најверојатно, ќе слета на пистата во Вселенскиот центар „Кенеди“. си/ссм/
Фото: МИА архива