Животните приказни на Братислав Димитров: Случајот Мона Лиза
- Мане Кант, угледен филозоф од „Тафталиџе“, го објасни случајот. Леонардо, по нарачка на некој Франческо, ја сликал неговата сопруга цели шест години! Море каква загадочна насмевка, какви бакрачи. Кога некој „сенчи“ туѓа жена толку долго време, тука се очекува многу повеќе. Барем насмевката да биде од уво до уво. После со векови, „модерните“ ѝ цртале на Мона Лиза мустаци, брада, рогови и сè што ќе им текне. Едни психоаналитичари тврдат дека тоа го правеле од завист кон нејзиното совршенство. А другите тврдат дека така пуританскиот морал ја казнува порочната сопруга.
Скопје, 6 април 2026, (МИА)
Братислав ДИМИТРОВ
Не знам дали има официјална истрага, обвинети и осудени, ама сите ние сме соучесници во брутални убиства на многу важни скопски кафеани. Тие беа обавезна лектира за секој што држи до својот нормален развој, колку и да звучи старомодно и неевропски. Кафеаната е демократска институција во која секој може да учествува. Доколку не смееш да се караш дома, на работа или било каде, таму си свој на своето. Можеш да се направиш резил и бербат со кого сакаш и колку сакаш, без ограничување. По таква катарза, ти си нов човек. Додуша полош, ама ни другите не се за машала. Најважно е дека во кафеана, по неколку испиени ракии „кавгаџивки“, сите се искрени. За разлика од другите медиуми, кои се лажни и лицемерни.
Јас и мојата генерација сме родени на преминот од камена во железна доба. Повеќе имаме за сеќавање отколку за планирање. Затоа се враќам во минатото, за да живеам подолго. Еве, само што пристигнав. Денес е златец (јули) 1958 година. Лето. Сабота. Пред три месеци наполнив 6 години и џебови со џамлии. Јас сум тој во сако, кратки панталони и пластични сандали. Тато по бричењето, ја става на испосеченото лице домашната колонска вода комовица. Мама економично си става помада и елегантно ја префрла преку уморното рамо црната лакирана чанта. Во неа има марамче, здравствена книшка и по неколку залутани бонбони и карамели. Дада ги центрира хулахопките и се обидува да облече балетанки од кои нема да штрчи прсте.
Така сите заедно, еднаш месечно се движиме ритуално кон паркот и кафеаната „Кермез“ на ќебапчиња и музика. Башка студени жолти оранжади. Фишечиња со семки и сончоглед се подразбираат. А во свечени моменти и јаболко излеано со прегорен шеќер. Во тие мигови сè е на наша страна. Ѕвездите блескаат за да се чувствуваме свечено и радосно. Светулките во паркот летаат за да можат децата да трчаат по нив. И откако ќе ги фатат, со плуканка ги лепат на челата и обравчињата... Ова сум го напишал сто пати? Знам. Малку е.
Сега сме пораснати. На терасата на „Кермез“ нема каде игла да фрлиш. Цело Скопје чека ќебапчиња подолго отколку воз или женска на состанок. Нема каде да се жалиш. Тогаш се роди народната поговорка, „Кадија те тужи - кадија те суди“. После дојдоа евро-атланиски вредности, а со нив многу кадии и многу судии. Никнаа безброј невладини организации, финансирани од влади! Конечно дојдовме до слобода на говорот. И еве, до ден денешен не престанавме да зборуваме. Ги добивме и сите други демократски права, освен правото да бидеме расположени.
Во кафеана се оди за да гледаш и за да бидеш виден. Во социјализмот ова правило не важеше за келнерите. Го викаш сабајле, а завалијата доаѓа приквечер. Конечно се појавува. „Келнер! Може една чачкалица за заби?“ Келнерот љубезно и услужно одговара: „Жалам, зафатена е!“ Голем дел од животот го поарчивме за да му влезаме во трага на соларникот што шеташе од маса на маса... но со променлив успех. Олеснителна околност во тие драмски моменти беше фактот дека имавме силни нерви. Сега немаме никакви. Каде се нервите? Под хитно да се вратат! Дали жалам за минатото? Не одговарам на приватни прашања. А ти жали си за што сакаш.
Во меѓувреме дополнително пораснавме, без никаква потреба. Од пазарчето „Буњаковац“ во правец на Соборниот храм, на семафорите каде што „Партизанска“ го сече булеварот Климент Охридски, од десната страна има една зграда. Личи на рамнодушна и безлична фаца на некој бирократ од Брисел, штотуку пензиониран. Токму на тоа место живееше славната кафана „Гурман“, која ние нагалено си ја викавме „Гурманче“.
Интимно и топло место, во буквална и метафорична смисла. Можеш да дојдеш во влечки и пижами, никој нема да те врати. Во ќошот имаше една тенекија во која ставаа нафта, а шефот се колнеше дека е ќумбе. Небитно. Се греевме со варено вино и дискусии за музика, книги, филмови, театар и големи идеали. Даваа и „на вересија“, исто како и маалските гранапчиња. Кога дојде демократскиот капитализам, ја забрани вересијата со закон! Така се роди народната изрека „Големите риби ги јадат малите“. Сепак, најголема предност на „Гурманче“ беше немањето интернет, „Фејсбук“, мобилни телефони и Chat, кој било Gpt. Што значи дека вистински се дружевме.
Кога под носот ни се појави мов што глумеше мустачиња, тргнавме во гимназија. Еден ден наставникот по ликовно, Владо, влезе во училницата и уште од вратата се извика: „Деца отворајте тоа блоковите, денес ќе цртаме портрет!“ Ја одмота ролната од под мишка и ја закачи на табла. Гледаме и не веруваме во тоа што го гледаме. На таблата виси Мона Лиза! Еј, човече, оној Леонардо да Винчи ја работел со години, а ние треба да ја нацртаме за 45 минути. Дремеме како мисири над оние празни блокови и чкртаме по нешто. А наставникот Владо шета низ проклетата училница и одвреме-навреме строго ја мерка другарката Мона Лиза, затоа што во социјализмот немаше госпоѓи.
Во еден момент решително застанува до сликата, значајно ѝ се внесува во лицето и со фаца на кисела зелка во јуни, лежерно изјавува: „Јас, деца, позадинава поинаку би ја решил!“ Креваме истовремено 40 тешки глави од нашите блокови и подзинато загледуваме. Час зад рамениците на Мона Лиза, час во наставникот, кој ја гледа позадината на Леонардо како мува во маштеница, болва во чорап и автор на ТВ-серија. Патем ни спомна некоја историја на сенчење и загадочна насмевка.
Мане Кант, угледен филозоф од „Тафталиџе“, го објасни случајот. Леонардо, по нарачка на некој Франческо, ја сликал неговата сопруга цели шест години! Море каква загадочна насмевка, какви бакрачи. Кога некој „сенчи“ туѓа жена толку долго време, тука се очекува многу повеќе. Барем насмевката да биде од уво до уво. После со векови, „модерните“ ѝ цртале на Мона Лиза мустаци, брада, рогови и сè што ќе им текне. Едни психоаналитичари тврдат дека тоа го правеле од завист, кон нејзиното совршенство. А другите тврдат дека така пуританскиот морал ја казнува порочната сопруга. Уште многу нешта учевме бадијала. Нашиот класен, уметникот и наставник Владо, нè научи на најважната работа. Да не веруваме на никого и ништо. Па макар биле Ѓоконди или Леонардо да Винчови. Слепо да не се поклонуваме на авторитети, туку да мислиме со своја глава, каква и да е. Така нè учеше за слободата, која е основа на секоја уметност и никогаш не се добива на тацна.
Кога умре еднопартискиот систем, кичот и шундот го искористија моментот. Освен на бонбоњера, Мона Лиза ја среќаваме на чаши, чадори, календари, постери, сложувалки, привезоци и разни дрангулии. Така, во име на „слободата на творештвото“, се испогани најславното и најголемо уметничко дело. Модерниве слободњаци ни по 500 години не успеале да одгатнат на што или на кого се смешка чудесната Ѓоконда. И како е возможно, од која било страна да ја гледаш сликата, Мона Лиза секогаш те гледа право в очи!
Најпосле сфаќаме дека уствари ние сме случајот. Кога би позирале на сликари, апстракното сликартво би достигнало најголем зенит.