• петок, 22 ноември 2024

Стејт департмент: Не постои работна група со Турција во врска со С-400, санкциите остануваат

Стејт департмент: Не постои работна група со Турција во врска со С-400, санкциите остануваат
Вашингтон, 30 декември 2020 (МИА) - Стејт департментот ги демантираше изјавите на турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу во врска со формирање на американско-турска работна група за набавката на рускиот ракетен систем С-400. Портпарол на Стејт департментот истакна дека не постои таква работна група, додавајќи дека Вашингтон останува целосно посветен на спроведувањето на санкциите на CAATSA (Countering America's Adversaries Through Sanctions Act). Како што тој објасни, има само рутински консултации за влијанието што санкциите ќе го имаат врз билатералната воена соработка.

- Не постои работна група за санкциите на CAATSA или за „истражување“ на заканите кои С-400 ги претставува за авионите-ловци Ф-35. Се спроведуваат рутински консултации на работно ниво за влијанието на санкциите врз актуелната воена соработка. Остануваме посветени на целосната примена на санкциите, како што најави министерот Мајк Помпео на 14 декември, изјави портпаролот.

Шефот на турската дипломатија утрово, повикувајќи се на неодамнешните санкции на САД, нагласи дека двете земји се согласиле да формираат заедничка работна група за разгледување на прашањето за С-400. Чавушоглу истакна дека Анкара е подготвена да преземе чекори за подобрување на билатералните односи со САД, изразувајќи надеж дека новата администрација на Џо Бајден ќе се придвижи во иста насока. гт/

Остани поврзан