На Додик му е испратена копија од пресудата, има рок од 15 дена за жалба
- Судот на Босна и Херцеговина денеска потврди дека на лидерот на босанските Срби Милорад Додик му била испратена писмена копија од пресудата со која е осуден на една година затвор и му е изречена мерка шест години забрана за политички активности, па тој и неговата одбрана сега имаат 15 дена да поднесат жалба.

Бања Лука, 25 март 2025 (МИА) - Судот на Босна и Херцеговина денеска потврди дека на лидерот на босанските Срби Милорад Додик му била испратена писмена копија од пресудата со која е осуден на една година затвор и му е изречена мерка шест години забрана за политички активности, па тој и неговата одбрана сега имаат 15 дена да поднесат жалба.
Како што се наведува во соопштението од судот, на адресата на Додик вчера била испратена копија од пресудата, изречена на 26 февруари. Доколку Додик не поднесе жалба во законскиот рок, пресудата автоматски ќе стане правосилна, а потоа ќе има избор да оди во затвор или да побара од судот да му одобри откуп на казната за околу 18 илјади евра.
Во БиХ, законски е можно да се откупи казна до една година затвор по цена од 100 конвертибилни марки (50 евра) дневно, но судот може, но и немора да го дозволи тоа.
Додик беше осуден откако беше прогласен за виновен за кривичното дело неизвршување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница, а покрај затворската казна, му беше изречена и забрана за вршење на функцијата претседател на Република Српска, како и секоја друга изборна должност во период од шест години.
Веднаш по изрекувањето на пресудата изјави дека не планира да се жали, но дека конечната одлука по ова прашање ќе ја препушти на своите бранители. рп/
Фото: МИА архива