Џејн Фонда ja доби наградата на „САГ-АФТРА“ за животно дело
- „САГ-АФТРА“ ги додели своите признанија во Лос Анџелес вчера, по 31. пат.

Лос Анџелес, 24 февруари 2025 (МИА) - Американската глумица Џејн Фонда синоќа ја доби наградата на „Здружението на глумци - Американска федерација на телевизиски и радио-уметници (САГ-АФТРА)“ за животно дело. Во говорот потоа, таа се осврна и на новите политички збиднувања.
Имено, говорејќи за одговорноста на актерот да се соживува со ликовите што ги глумат, посочувајќи го Себастијан Стен како добар пример, Фонда очигледно целеше кон претседателот на САД, Доналд Трамп, пренесува „Ентертејнмент тунајт“ (Entertainment Tonight).
- Иако можеби го мразите однесувањето на вашиот лик, мора да го разберете и сочувствувате со трауматизираната личност што ја играте правилно? Мислам на Себастијан Стен во „Приправник“ (The Apprentice)... Да нема забуна, емпатијата не е слабост или „воук“. Патем, „воук“ значи дека, проклето, се грижиш за другите луѓе!, изјави познатата глумица на сцената.
„САГ-АФТРА“ ги додели своите признанија во Лос Анџелес вчера, по 31. пат. Притоа, „Конклава“ - трилер-драмата за изборот на нов папа, триумфираше освојувајќи ја главната награда за најдобра филмска екипа. „Шогун“ - еп за феудална Јапонија, којшто доби вкупно четири одличја, и американската сатира „Само убиства во зградата“ (Only Murders in the Building) ги освоија наградите за драмска и комична серија.
Свеченоста беше исполнета со почит кон Лос Анџелес, којшто се опоравува од овогодишните пожари.
- Градот и луѓето во него сѐ уште минуваат низ пеколот, рече Кристен Бел, водителката на настанот, пред да ги пофали првите лица кои реагираа. - Нема начин како доволно да ја изразиме нашата благодарност до сите вас!, додаде таа.
Тимоти Шаламе (како Боб Дилан во „Целосно непознат“) и Деми Мур („Супстанција“) се прогласени за најдобар актер и актерка.
Жан Смарт ја освои наградата за најдобра глумица во хумористична серија - по третпат, за својата сценска стенд-ап изведба „Хекс“ (Hacks). Мартин Шорт од „Само убиства во зградата“ е најдобар глумец во хумористична серија.
Кијеран Калкин ја доби наградата за најдобра споредна машка улога, за улогата во „Вистинска болка“ (A Real Pain).
Зои Салдања е најдобра споредна женска улога (за нејзината изведба како адвокатка на гангстер-трансексуалец во „Емилија Перез“). си/сд/
Фото: ЕПА