• e martë, 25 shkurt 2025

Меџити: Не може административна или архивска работа да се прикаже како голем скандал

Меџити: Не може административна или архивска работа да се прикаже како голем скандал

Скопје, 25 февруари 2025 (МИА) – Денешното доставување документи во Владата од страна на СДСМ како поткрепа на нивните сомнежите дека постои корупција и неправилности во работата на првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити, тој го оцени како обид да ја продолжат приказната и порача дека не може административна или архивска работа да се прикаже како голем скандал.

Прво, како што рече, вакви тврдења имаше од ДУИ, а сега за жал СДСМ оди по нивна памет и се гледа дека се синхронизирани во нападите.

-Прво се зборуваше за одземање на ингеренции на Министерството за животна средина, а кога увидоа дека Инспекторатот кој бил автономен во нивно време сега е дел од Министерството, како сектор, отидоа на второто обвинување дека има простор за злоупотреба констатиран во Административниот инспекторат. Но, се работи за редовна контрола која била во програмата на Државниот административен инспекторат. Имаат опомена со забелешка за некоја воспоставена пракса, не за ингеренции или за нешто друго, изјави Меџити во одговор на новинарско прашање пред почетокот на завршниот настан на твиниг проектот „Понатамошно зајакнување на капацитетите за ефективна имплементација на acquis во областа на индустриското загадување MK 20 IPA EN 02 22“.

Таквата пракса, како што рече, била воспоставена од ДУИ и СДСМ уште од 2016 година.

-Ваквата пракса е воспоставена од 2016 година кога министер за животна средина бил Нуран Изаири, па продолжила со Башким Ахмети, Садула Дураку, Насер Нуредини и завршила  со Каја Шукова. Тоа се редица на министри токму од СДСМ и ДУИ, прецизира Меџити.

Посочи дека Управниот инспекторат е само опоменат и дека веќе ја обжалил опомената.

-Ќе оставиме на крај да видиме каков ќе биде исходот, но не се работи ни за ингеренции, ниту за нешто друго. Во прилог на соопштението од Министерството за животна средина се документите со деталите каква била оваа пракса, кога е почната и како функционирала, потенцира Меџити. вј/ац/

Фото: МИА

QËNDRONI TË LIDHUR