„Што Ви е најважно?“ – анкета на Општина Битола за нови проекти во градот
- Општина Битола со анкета насловена „Што Ви е најважно?“ избра пет нови проекти кои ќе добијат приоритет во работата на локалната самоуправа.

Битола, 3 март 2025 (МИА) - Општина Битола со анкета насловена „Што Ви е најважно?“ избра пет нови проекти кои ќе добијат приоритет во работата на локалната самоуправа.
Од секторот за односи со јавност на Општина Битола информираат дека анкетата отворена до 28 февруари, била одговорена од страна на 901 граѓанин кои избирале проекти за кои општината има изготвено проектна документација.
-Граѓаните избираа проекти од областа на патната и подземната инфраструктура, изградба на спортските објекти, игралишта, спортски сали и паркинг простори. За секој граѓанин беше дадена можност да даде и свои предлог проекти за кои смета дека приоритетно треба да се реализираат во Битола. Од добиените одговори, во врска со проектите за кои општината е подготвена со документација и може да отпочне постапки за реализација, вклучувајќи и обезбедување на финансиска поддршка од други институции, граѓаните на врвот на приоритетите ставија 5 проекти, изградба на паркинг простор кај автобуската станица „Ат-пазар“, реконструкција на спортски игралишта во училишта, зградба на паркинг простор кај м.в „Хеликоптер“, изградба на објект на Терариум во Зоолошка градина и изградба на кружен тек меѓу улиците „Македонска Фаланга“ и „Македонски Гемиџии“ кои се наоѓаат кај автобуската станица во Битола, соопштија од тамошната локална самоуправа.
Предлозите за реализација на нови проекти ќе бидат анализирани од градоначалникот и општинската администрација. мт/сст/
Фото: МИА