Холандски центри за изгореници нудат помош за жртвите од пожарот во Кочани
- - Сè уште не е познато дали некои од повредените ќе бидат пренесени во Холандија на лекување, изјави портпаролот, пренесува НЛ Тајмс. -Во моментов се проценува тежината на изгорениците, а потоа Европската асоцијација за третман на изгореници ќе одлучи дали некои од пациентите ќе бидат лекувани во Холандија, појасни претставникот.
- Post By Сања Костовска
- 08:44, 17 mars, 2025

Хаг, 17 март 2025 (МИА) - Центрите за третман на изгореници во холандските градови Гронинген, Бевервајк и Ротердам се подготвуваат да примат и да лекуваат жртви од пожарот во ноќен клуб во Северна Македонија, изјави портпарол на Холандската фондација за третман на изгореници за јавниот сервис NOS.
- Сè уште не е познато дали некои од повредените ќе бидат пренесени во Холандија на лекување, изјави портпаролот, пренесува НЛ Тајмс. -Во моментов се проценува тежината на изгорениците, а потоа Европската асоцијација за третман на изгореници ќе одлучи дали некои од пациентите ќе бидат лекувани во Холандија, појасни претставникот.
Дополнително, во тек се разговори за можноста холандски лекари и медицински сестри да отпатуваат во Северна Македонија за да помогнат, изјави Пол ван Зујлен, пластичен хирург и директор на центарот за изгореници во Бевервајк, за RTL Nieuws. Според него, сè уште нема многу информации за состојбата на жртвите, но очекува сериозни повреди. - Фактот дека веќе има речиси 60 загинати зборува доволно. Ова морало да има огромно влијание и врз останатите повредени, потенцира хирургот. ссм/
фото: ЕПА