Реакција на Студентски отпор за денешниот собир пред платото на УКИМ
- СООПШТЕНИЕ - На денешниот собир пред платото на УКИМ, на кој присуствуваа илјадници студенти со цел да оддадат почит за жртвите во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, сведочевме на груба злоупотреба на болката и тагата на граѓаните од страна на институциите. Наместо 7-минутен молк и достоинствено оддавање на почит, како што бараа студентите, ректорката на УКИМ, Билјана Ангелова, и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, одлучија да држат говори.
- Post By Сашо Арсовски
- 16:53, 17 mars, 2025

17 март 2025
На денешниот собир пред платото на УКИМ, на кој присуствуваа илјадници студенти со цел да оддадат почит за жртвите во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, сведочевме на груба злоупотреба на болката и тагата на граѓаните од страна на институциите.
Наместо 7-минутен молк и достоинствено оддавање на почит, како што бараа студентите, ректорката на УКИМ, Билјана Ангелова, и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, одлучија да држат говори. Ова се случи и покрај јасниот притисок од студентите да не се користи ваков трагичен момент за говори и политичка самопромоција.
Додека тие ги читаа своите подготвени изјави, неколку студенти се почувствуваа лошо и побараа итна медицинска помош. Но, наместо внимание кон оваа ситуација, ректорката и министерката продолжија со своите говори, целосно игнорирајќи ја состојбата на студентите. За нив, поважна беше ПР кампањата отколку почитта кон жртвите и здравјето на младите кои присуствуваа на собирот.
Студентите јасно и гласно порачаа дека ваквото однесување е недостоинствено и неприфатливо. Ова не беше момент за политички пораки, туку за тивка почит кон загинатите и солидарност со нивните семејства. Наместо тоа, сведочевме на срамна институционална експлоатација на трагедијата.
„Студентски отпор“ го осудува ова однесување и бара одговорност од институциите. Бараме идни комеморативни настани да се организираат со вистинска почит и достоинство, без политичка инструментализација. Жртвите заслужуваат повеќе, а студентите нема да дозволат нивната болка да се користи за нечии ПР поени.
Официјалните тела за студентска репрезентација не смеат да го амортизираат гневот на студентите. Доколку се обидат да го сторат тоа, „Студентски отпор“ ќе ги поведе студентите во борба за вистинско застапување на нивните интереси.
Студентски отпор
_____________________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки