ХД „Дрита“-Дебар, по повод Рамазан Бајрам, на 54 деца без родител(и) им додели ваучери за облека и обувки
- Дебарското хуманитарно друштво „Дрита“ во пресрет на големиот муслимански празник Рамазан Бајрам, распредели ваучери за 54 деца без родител(и), во износ од по 4 илјади денари за набавка на облека и обувки.

Дебар, 25 март 2025 (МИА) – Дебарското хуманитарно друштво „Дрита“ во пресрет на големиот муслимански празник Рамазан Бајрам, распредели ваучери за 54 деца без родител(и), во износ од по 4 илјади денари за набавка на облека и обувки.
-Опфатени се деца од градот, како и селските населени места од Дебар и двете соседни општини, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, како што се селата Могорче, Долно и Горно Косоврасти, Скудриње, Новак и Центар Жупа, како и други села. Децата добија ваучери од по 2500 денари за облека и по 1500 денари за обувки, кои ќе ги набават по нивен избор. Исто така на секое од овие 54 деца во плик им се доделени и по 2000 денари, изјави за МИА, Нертил Османи, претседател на друштвото.
Во текот на Светиот месец Рамазан, на сите ним им била распределени пакети со прехранбени артикли и средства за одржување хигиена, во вредност од по 5 000 денари, а секојдневно за ифтар добиваат подготвена храна и леб.
Со хуманитарна помош во градот се опфатени и 190 семејства кои се во потешка социо-економска состојба, лица со попреченост, тешко болни, изнемоштени и лица кои живеат сами, а освен храна и хигиенски пакети се обезбедуваат и неопходните лекарства, кои за оние кои се во најтешка положба, во текот на целата година.
Според Османи сето ова не би можеле да го реализираат без донации на локални жители, како и иселеници, за што искажуваат голема благодарност. вт/сст/
Фото: ХД „Дрита“