Финале од Европското средношколско дебатно првенство 2026 во организација на Младинскиот образовен форум
- Во киното„Фросина“ во Младинскиот културен центар денеска ќе се одржи финалната рунда од натпреварите во дебата во рамките на Европското средношколско дебатно првенство во Скопје, кое го организира Младинскиот образовен форум (МОФ).
- Post By Хатка Смаиловиќ
- 07:07, 2 mars, 2026
Скопје, 2 март 2026 (МИА) - Во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар денеска ќе се одржи финалната рунда од натпреварите во дебата во рамките на Европското средношколско дебатно првенство во Скопје, кое го организира Младинскиот образовен форум (МОФ).
МОФ и Скопје од 28 февруари до 2 март се домаќини на првенството по дебата за средношколци во Европа. МОФ соопшти дека на првенството учествуваат над 300 дебатери, судии и дебатни тренери од 25 европски земји и дека настанот е значајна платформа за критичко размислување, демократски дијалог и меѓукултурно поврзување на младите од целиот континент.
Прелиминарните рунди од првенството беа организирани во СУГС „Орце Николов“ во првите два дена (28 февруари и 1 март), а денеска е финалната рунда и е отворена за публика. На последниот ден од првенството посетителите ќе имаат можност да ги слушнат најуспешните млади дебатери од Европа во структурирана аргументирана расправа за актуелни глобални прашања.
- Довербата МОФ да го организира Европското средношколско дебатно првенство 2026, а Скопје да биде негов домаќин, беше изгласана во летото 2024 година кога македонската кандидатура доби мнозинска поддршка од европските делегации во конкуренција со Милано. Оваа одлука претставува признание за капацитетот, искуството и стабилноста на македонската дебатна заедница, како и за посветената и темелна подготовка на тимот на МОФ. Се гордееме што Скопје оваа година е центар на европската младинска дебата бидејќи преку вакви настани младите ги развиваат своите вештини, учат да слушаат и аргументираат, ги почитуваат разните гледишта и активно придонесуваат кон поотворени и подемократски општества - велат од МОФ. хс/вг/
Фото: принтскрин / веб-страница МОФ