Македонско-француското партнерство и ЕУ-перспективата, во фокус на средбата Карапејовски – Ле Риголер
- Координаторот на пратеничката група на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Бобан Карапејовски денеска остварил средба со амбасадорот на Француската Република, Кристоф ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
- Post By Фатиме Фазљији
- 15:37, 2 mars, 2026
Скопје, 2 март 2026 (МИА) - Координаторот на пратеничката група на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Бобан Карапејовски денеска остварил средба со амбасадорот на Француската Република, Кристоф ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Како што информираат од собраниската прес-служба, Ле Риголер и Маршето со Карапејовски разговарале за долгогодишното македонско-француско пријателство и соработка, особено на планот на културата.

Карапејовски го истакнал придонесот на македонските образовни институции во промоцијата на францускиот јазик и култура и му се заблагодари на амбасадорот за поддршката што ја дава Франција во различните области на меѓудржавната соработка. Тој ги истакнал приоритетите на ЗНАМ во Собранието, програмските заложби и специфичната функција на партијата и на пратеничката група како дел од владејачкото мнозинство, каде што функционира и како коректив на власта.
Во врска со евроинтеграциите, била реафирмирана поддршката на Франција на патот на Македонија кон Европската Унија. Координаторот на ПГ на Движењето ЗНАМ - За наша Македонија го истакнал ставот на пратеничката група и силната заложба за исполнување на обврските од реформската агенда во процесот, како клучен чекор во пристапувањето. фф/са/
Фото: Собрание