• e martë, 03 mars 2026

Тошковски – Хани: Зајакнување на антикорупциските механизми и унапредување на регионалната соработка

Тошковски – Хани: Зајакнување на антикорупциските механизми и унапредување на регионалната соработка

Скопје, 2 март 2026 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска остварил работна средба со директорот на Секретаријатот на Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ), Алберт Хани, на која биле разгледани можностите за продлабочување на соработката во насока на зајакнување на институционалните капацитети за спречување на корупцијата.

Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, во фокусот на разговорите биле обуките за изработка на Национална проценка на ризик од корупција и антикорупциската проверка на законодавството во областа на внатрешните работи, при што било истакната активната улога на Македонија како потписничка на Меѓународниот договор за размена на податоци за проверка на изјавите за имотна состојба. На средбата било нагласено дека нашата држава претставува водечки пример и референтна точка за земјите кои сè уште не пристапиле кон овој механизам.

Министерот Тошковски ја потенцирал важноста од системски пристап во детектирањето и намалувањето на ризиците од корупција во безбедносниот сектор, како и значењето на регионалната соработка и размената на искуства.

-Борбата против корупцијата е еден од нашите врвни приоритети. Преку зајакнување на интегритетот на институциите, унапредување на законодавната рамка и користење на современи механизми за проценка на ризици, создаваме систем во кој корупцијата станува сè потешка, поскапа и неисплатлива. Поддршката и експертизата на РАИ во овој процес имаат значајна улога, а Министерството за внатрешни работи останува силно посветено на развој на ефикасни и одржливи антикорупциски политики, истакнал министерот Тошковски.

На средбата, како што се наведува во соопштението на МВР, биле разгледани и конкретни можности за идна соработка преку заеднички активности, обуки и проекти насочени кон јакнење на превентивните и репресивните механизми во справувањето со корупцијата.фф/са/

Фото: МВР

QËNDRONI TË LIDHUR