• e mërkurë, 26 mars 2025

Тројца работници го загубија животот во серија несреќи на работни места во Италија

Тројца работници го загубија животот во серија несреќи на работни места во Италија

Рим, 25 март 2025 (МИА) - Три смртни случаи на работни места се регистрирани од синоќа до денеска во Италија.

Во првиот случај, кој, како што јави италијанската новинска агенција АНСА, се случил синоќа во близина на Неапол, 50-годишниот Никола Сицињано починал на работното место во фабрика за отпад, а според првичните информации, кои допрва треба да се потврдат, работникот останал заглавен на подвижна лента, при што главата и рацете му останале заробени.

Полицијата го истражува случајот. Втората несреќа се случила после полноќ кога 22-годишен работник починал додека работел на индустриска машина за обликување запчаници кога врело парче метал му се забило во грбот и го усмртило.

Полицијата почна истрага, а фабриката е затворена поради испитување.

Трета несреќа е регистрирана утринава кога 38-годишен работник на автопат бил прегазен од камион. Според италијанската агенција, Италија во моментов бележи голем број смртни случаи на работно место.

Според податоците од институциите, бројот на смртни случаи на работни места во јануари 2025 година е зголемен за 34 отсто во однос на истиот период лани, со 45 смртни случаи, што е за 12 повеќе од претходната година.

Вкупниот број смртни случаи на работни места во 2024 година се зголеми на 797, споредено со 790 во 2023 година. Најголем број смртни случаи има во градежната индустрија - 156, транспортот и складирањето - 111, како и во производството - 101. рп/

Фото: МИА архива

 

QËNDRONI TË LIDHUR