Трајковски: Пред нас се двата најважни натпревари во Лигата на нации
- Македонската фудбалска репрезентација денеска во Скопје ги започна мини подготовките за двата претстојни натпревари на домашен терен против Летонија и Фарски Острови со кои ќе го заокружи настапот во групната фаза во Ц дивизијата од Лигата на нации.
- Post By Емил Гашевски
- 20:10, 11 nëntor, 2024
Скопје, 11 ноември 2024 (МИА) – Македонската фудбалска репрезентација денеска во Скопје ги започна мини подготовките за двата претстојни натпревари на домашен терен против Летонија и Фарски Острови со кои ќе го заокружи настапот во групната фаза во Ц дивизијата од Лигата на нации.
Двата претстојни дуели, в четврток против Летонија и в недела против Фарски Острови, избраниците на селекторот Благоја Милевски ги дочекуваат како првопласирани во групата и серија од три последователни победи.
„Убаво е да се има низа на победи без примен гол. Тоа докажува дека имаме квалитет, и не само да победуваме туку и да го браниме резултатот. Се надевам дека и во овие два натпревари ќе го покажеме истото“, изјави на првиот денешен собир репрезентативецот Александар Трајковски.
Според напаѓачот на сплитски Хајдук, претстојните дуели се најважни во досегашниот циклус во Лигата на нации, не само за освојување на првото место во групата, туку и за евентуален пласман во плејофот за Мундијалот 2026.
„Мислам дека ова се најважните натпревари. Верувам во нашата екипа, отсекогаш сум верувал. Мораме позитивно да мислиме и да го дадеме максимумот. Квалитетот не е спорен, ние веруваме во нашиот квалитет и во нашата игра способности, но, тоа треба да го покажеме на терен. Нема подобра можност да го завршиме овој циклус со две победи пред домашната публика и да се пласираме во плеј-офот“, посочи Трајковски. ег
ФОТО: ФФМ