Трамп му се заканува на Иран доколку Хутите продолжат со нападите
- Американскиот претседател Доналд Трамп денеска експлицитно ги поврза акциите на јеменските бунтовници Хути со нивниот главен заштитник, Иран, предупредувајќи го Техеран дека ќе се соочи со последици доколку Хутите повторно нападнат.
- Post By Марија Спасовска
- 20:07, 17 mars, 2025

Дубаи, 17 март 2025 (МИА) - Американскиот претседател Доналд Трамп денеска експлицитно ги поврза акциите на јеменските бунтовници Хути со нивниот главен заштитник, Иран, предупредувајќи го Техеран дека ќе се соочи со последици доколку Хутите повторно нападнат.
Трамп предупреди дека на секој напад од организацијата ќе добијат одговор со „голема сила“ и оти „нема гаранција дека силата ќе запре таму“.
-Иран глуми „невина жртва“ на непријателските терористи над кои изгуби контрола, но не ја изгуби контролата, напиша Трамп.
Изјавата на Трамп преку социјалната мрежа „Truth Social“ претставува ескалација на воената кампања на неговата администрација против Хутите, која само оваа недела уби најмалку 53 лица во воздушни напади.
Не е јасно што ја испровоцира најавата на Трамп.
Во текот на викендот, шефот на иранската револуционерна гарда се обиде јасно да го одвои она што го прават Хутите од она што го прави Техеран.
Хутите со проектили го нападнаа американскиот носач на авиони „Хари С. Труман“, но не направија никаква штета.
Во меѓувреме, Иран сè уште размислува како да одговори на писмото на Трамп испратено до раководството на земјата со намера брзо да започне преговори за напредната нуклеарна програма на Техеран.
Поддржувачите на Хутите се собраа денеска во неколку градови во Јемен по американските напади, ветувајќи одмазда против САД и Израел за блокирањето на хуманитарната помош наменета за Газа, по суспензијата на воените операции на еврејската држава на територијата во нејзината војна против палестинскиот Хамас. мс/
фото: ЕПА