• e shtunë, 27 korrik 2024

Тошковски со Вучевиќ за билатералните односи меѓу Северна Македонија и Србија

Тошковски со Вучевиќ за билатералните односи меѓу Северна Македонија и Србија

Белград, 26 јули 2024 (МИА) - Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ, денеска во Белград разговараше со министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Панчe Тошковски, за билатералните односи, соработката во областа на безбедноста, Отворен Балкан и Резолуцијата за Сребреница, јави дописникот на МИА од Белград.

На средбата Вучевиќ оцени дека односите меѓу двете земји се засноваат на традиционално пријателски врски на двата народи и добрососедските односи, додавајќи дека Србија е посветена на негување партнерски врски со Северна Македонија и давање поддршка во однос на европската интеграција и регионалната соработка.

Според соопштението од кабинетот на српскиот премиер, Вучевиќ ја подвлекол важноста од зајакнување на соработката во областа на безбедноста, борбата против тероризмот и илегалната миграција, како и партнерството во вонредни ситуации. Тој оценил дека договорот во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“ за преминување на границата со лични документи е пример за добра практика во интерес на граѓаните на двете земји.

-Кога станува збор за ситуацијата во регионот, премиерот Вучевиќ го изрази своето негодување од одлуката на Северна Македонија да биде коспонзор на Резолуцијата за Сребреница во Обединетите нации, нагласувајќи дека таквата одлука, како и усвојувањето на Резолуцијата, не придонесуваат за мирот и стабилноста во регионот и неговата поцврста соработка, се наведува во соопштението.

Министерот за внатрешни работи на Северна Македонија и се заблагодарил на Србија за помошта испратена од Хеликоптерската единица и Одделението за вонредни состојби за санирање на шумскиот пожар што овој месец се случи на подрачјето на општините Неготино, Конче и Штип.

Тошковски истакнал дека Северна Македонија е решена да воспостави проект за размена на полициски службеници меѓу двете земји, пред се во туристичките области, како и да воспостави заеднички граничен портал меѓу Србија и Северна Македонија.

Премиерот Вучевиќ упатил честитки до новата Влада на Северна Македонија и премиерот Христијан Мицкоски и изрази уверување дека добрата соработка со Северна Македонија ќе продолжи и во иднина, соопштија од српската Влада. об/нд/

Фото: Влада на Србија

 

QËNDRONI TË LIDHUR