• e hënë, 13 tetor 2025
Shqip
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Стармер ќе одржи итни разговори со Франција и Германија за Газа

Стармер ќе одржи итни разговори со Франција и Германија за Газа

Лондон, 24 јули 2025 (МИА) – Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека ќе одржи итни разговори со Франција и Германија за ситуацијата во Газа, осудувајќи ги „страдањето и гладот“ што се случуваат таму како „неописливи и неодбранливи“.

Стармер рече дека ситуацијата е „тешка“ веќе некое време, но сега „достигна нови длабочини“. Ова доаѓа откако хуманитарните организации предупредуваат на глад во Појасот Газа, а САД соопштија дека ги прекинуваат разговорите за прекин на огнот.

Стармер, исто така, е под сè поголем притисок да го исполни ветувањето на Лабуристичката партија за признавање на држава Палестина, пренесе ДПА.

- Страдањето и гладот што се случуваат во Газа се неописливи и неодбранливи. Иако ситуацијата е тешка веќе некое време, таа достигна нови длабочини и продолжува да се влошува. Сведоци сме на хуманитарна катастрофа, изјави Стармер.

- Утре ќе одржам итен разговор со партнерите од Е3 и же дискутираме за тоа што можеме итно да направиме за да го запреме убивањето и да им обезбедиме на луѓето храна што им е очајно потребна, додека ги преземаме сите неопходни чекори за да изградиме траен мир, додаде тој.

- Сите се согласуваме за итна потреба Израел да го промени курсот и без одлагање да дозволи влез на очајно потребната помош во Газа, нагласи Стармер.

Тој рече дека е „тешко да се види надежна иднина во такви мрачни времиња“, но повторно повика сите страни да се вклучат „со добра волја и брзо“ со цел постигнување прекин на огнот и ослободување на сите заложници.

- Силно ги поддржуваме напорите на САД, Катар и Египет за да се постигне тоа, рече тој.

Неколкунеделните разговори во Катар за обид да се обезбеди прекин на огнот меѓу Израел и Хамас не донесоа поголеми пробиви.

Американските и израелските преговарачки тимови вклучени во напорите за обезбедување прекин на огнот меѓу палестинското милитантно движење Хамас и Израел во Појасот Газа се повикани дома, што е знак дека разговорите можеби се на работ на неуспех.

Стив Витков, специјалниот пратеник на администрацијата на Трамп денеска соопшти дека САД ги прекинуваат разговорите за прекин на огнот во Газа и го враќаат својот преговарачки тим дома, откако најновиот одговор од Хамас „покажува недостиг на желба да се постигне прекин на огнот во Газа“.

Стармер денеска рече дека прекинот на огнот ќе обезбеди пат за признавање на палестинска држава, додека се соочува со повици да го стори тоа веднаш.

- Јасни сме дека државноста е неотуѓиво право на палестинскиот народ. Прекинот на огнот ќе нè стави на пат кон признавање на палестинска држава и решение со две држави што ќе гарантира мир и безбедност за Палестинците и Израелците, рече тој.

Францускиот претседател Емануел Макрон се заложи за признавање на палестинската државност во неодамнешниот говор пред парламентот на Велика Британија, велејќи дека тоа е „единствениот пат до мир“.

Градоначалникот на Лондон од Лабуристичката партија, Садик Кан, изврши притисок врз Стармер „веднаш да ја признае палестинската државност“ и рече дека Велика Британија „мора да стори многу повеќе за да изврши притисок врз израелската влада да го запре ова ужасно бесмислено убивање“. јт/

Фото: МИА архива

QËNDRONI TË LIDHUR