• e martë, 18 mars 2025

Сочувство од МАНУ до семејствата на загинатите во пожарот во Кочани, одложени сите планирани активности и Годишното собрание

Сочувство од МАНУ до семејствата на загинатите во пожарот во Кочани, одложени сите планирани активности и Годишното собрание

Скопје, 17 март 2025 (МИА) - Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) изразува длабока тага и неверување од последиците по трагичниот настан во Кочани од незамисливи размери, во кој пламените јазици покосија многу млади животи.

- Изразуваме искрено и длабоко сочувство до семејствата на настраданите, свесни дека не постојат зборови на утеха за родителите и најблиските. Во овие мигови, кога молкот и солзите зборуваат погласно од говорот, можеби е крајно време да најдеме сили и да вложиме напори во бескомпромисна борба со корумпираноста и самоволието на поединци. За жал, изгубените млади животи не можеме да ги вратиме, но ние, повозрасните, можеме да научиме уште една лекција повеќе и да станеме поодговорни, похумани, посовесни и општествено посвесни, заради нашите деца, заради нивната иднина, се вели во соопштението.

Академијата ја известува македонската јавност дека во знак на почит кон загинатите и прогласените денови на жалост ги одложува сите планирани активности, како и одржувањето на редовното Годишно собрание на МАНУ закажано на 19 март 2025 година. 

Македонската академија на науките и уметностите им се заблагодарува на сите соседи и пријатели во регионот и пошироко за укажаната несебична помош и хуманост. Ги пренесуваат изразите на најдлабоко и најискрено сочувство до семејствата на настраданите и желбите за брзо закрепнување на повредените од Српската академија на науките и уметностите.

- Нека почиваат во мир и нека им е вечен споменот, нашите мисли и молитви се заедно со нивните семејства, стои во соопштението од МАНУ. мд/са/

Фото: МИА архива 

QËNDRONI TË LIDHUR