САД депортирале 61.680 Гватемалци во 2024 година
- САД вратија рекордни 61.680 Гватемалци во 2024 година, соопшти државниот институт за миграција на Гватемала
Гватемала Сити, 28 декември 2024 (МИА) - САД вратија рекордни 61.680 Гватемалци во 2024 година, соопшти државниот институт за миграција на Гватемала откако вчера нови авиони пристигнаа во Гватемала Сити. Четири авиони слетаа вчера во воздухопловната база во главниот град на Гватемала, од Тексас.
Интезивираното враќање од САД се случува пред Доналд Трамп да се врати во Белата куќа како претседател кон крајот на јануари 2025 година. Трамп вети масовни депортации.
Владата на Гватемала проценува дека во САД живеат 2,7 милиони Гватемалци, но дека само 400.000 од нив имаат документи за легален престој и работа.
Според официјални лица, вкупно 508 авиони со 61.680 депортирани Гватемалци пристигнале од САД во 2024 година.
Во 2023 година, вкупно 55.302 Гватемалци беа вратени назад, што е повисоко од претходниот рекорд регистриран во 2019 година од 54.599.
Илјадници Гватемалци ја напуштаа државата и заминуваат кон САД секоја година за да го избегнат насилството и широко распространетата сиромаштија дома. Нивните дознаки до семејствата дома често се витален финансиски спас. Централната банка на Гватемала проценува дека рекорд од речиси 21 милијарда долари биле испратени назад во 2024 година - што е еквивалентно на 19 отсто од БДП на земјата. зш/