• e mërkurë, 15 prill 2026

Рубио: Разговорите меѓу Израел и Либан во Вашингтон се историска можност за траен мир

Рубио: Разговорите меѓу Израел и Либан во Вашингтон се историска можност за траен мир

Вашингтон, 14 април 2026 (МИА) – Американскиот државен секретар, Марко Рубио, денеска ги повика Израел и Либан да ја искористат „историската можност за траен мир“ во Либан, објавија француските медиуми.

„Ова е историска можност. Свесни сме дека мора да се соочиме со децении историја и сложеностите што нè доведоа до овој уникатен момент и можност што е пред нас“, рече Рубио додека ги пречекуваше израелскиот и либанскиот амбасадор во Стејт департментот во Вашингтон за првите директни разговори меѓу двете земји по децении.

„Станува збор за дефинитивно завршување на 20 или 30 години влијание на Хезболах во овој дел од светот“, додаде тој, но рече дека разговорите што започнаа денеска се почеток на „процес што ќе потрае“.

Во меѓувреме, либанскиот претседател Џозеф Аун изрази надеж дека разговорите со Израел ќе го означат „почетокот на крајот на страдањето на либанскиот народ“ по недели војна меѓу Израел и Хезболах.

„Се надевам дека состанокот во Вашингтон ќе биде почеток на крајот на страдањето на либанскиот народ воопшто, а особено на луѓето од југот“, изјави либанскиот лидер во изјава кратко пред почетокот на разговорите.

„Стабилноста на југот нема да биде обновена ако Израел продолжи да ги окупира тамошните територии“, истакна тој, додавајќи дека „единственото решение е либанската армија да се прераспореди на границите признати од меѓународната заедница и да биде единствено одговорна за безбедноста на областа и нејзиниот народ, без партнерство со други“.сд/

фото:МИА архива

QËNDRONI TË LIDHUR