Продолжува поставувањето на „лежечки полицајци“ во Куманово
- Поставувањето на вакви средства за смирување на сообраќајот во изминатиот период често е барано од жителите на повеќе населби во Куманово. Граѓаните посочуваат дека на одредени улици возилата се движат со несоодветна брзина, што создава ризик за пешаците, особено во близина на училишта, градинки и јавни институции
Куманово, 10 март 2026 (МИА) - Општина Куманово постави нови средства за забавување на сообраќајот „лежечки полицајци“ на 24 локации низ градот, информираше денеска градоначалникот Максим Димитриевски.
Мерката, како што посочи, е дел од пошироките активности на локалната самоуправа за зголемување на безбедноста во сообраќајот, особено на улиците каде што граѓаните често реагираат на брзото и несовесно возење. Поставени се средства за забавување на сообраќајот, „лежечки полицајци“, на улиците „Народна револуција“, „Јоско Илиевски“, „Поток Серава“, „Веселин Маслеша“, „110“, „Тоде Мендол“, „Студена Вода„, „Васко Карангелески“, „11 Ноември“ и во селото Горно Којнаре.
Поставувањето на вакви средства за смирување на сообраќајот во изминатиот период често е барано од жителите на повеќе населби во Куманово. Граѓаните посочуваат дека на одредени улици возилата се движат со несоодветна брзина, што создава ризик за пешаците, особено во близина на училишта, градинки и јавни институции.
Димитриевски нагласи дека ваквите сообраќајни решенија не се поставуваат произволно, туку согласно законските прописи и правилниците кои ги утврдува Министерството за внатрешни работи.

-Едно мора да се знае, тие се поставуваат согласно правилникот кој е на сила во МВР и точно е пропишано на кои локации и на кој начин се поставуваат. Не можеме целиот град да го покриеме со „лежечки полицајци“ посочи градоначалникот.
Покрај инфраструктурните решенија, локалната власт очекува поголем ефект и од зголеменото присуство на сообраќајната полиција.
-За наша среќа се зголемува бројот на живи полицајци, активни полицајци. Верувам дека ќе дојдеме во фаза да се воведе патролна служба во градот или таканаречениот „полицаец во реон“, што ќе придонесе за зголемување на безбедноста во сообраќајот- изјави Димитриевски.
Тој додаде дека паралелно се развива и проектот „Сејф сити“, кој треба дополнително да помогне во контролата на сообраќајот и санкционирањето на несовесните возачи.

-Сето тоа е со цел сите оние несовесни учесници во сообраќајот да се свестат дека безбедноста мора да ни биде на прво место- нагласи градоначалникот.
Во изминатите години, во Куманово беа поставени и подигнати пешачки премини на повеќе локации, особено во близина на основни и средни училишта, детски градинки и јавни установи. Според општината, ваквите мерки ќе продолжат и во иднина како дел од пошироката стратегија за подобрување на безбедноста на пешаците и намалување на сообраќајните ризици во градот. ам/дма/
Фото: МИА и општина Куманово