• e enjte, 03 tetor 2024

Преку стратегијата „Глобална порта“ на ЕУ за две години обезбедени 179 милијарди евра за 225 проекти ширум светот

Преку стратегијата „Глобална порта“ на ЕУ за две години обезбедени 179 милијарди евра за 225 проекти ширум светот

Брисел, 2 октомври 2024 (МИА) - Со инвестирањето во меѓународните партнерства, Европската Унија се обидува да се позиционира во се посложениот меѓународен пејзаж, се оценува во Документ за напредокот постигнат на полето на меѓународните партнерства на ЕУ, што денеска го усвои Европската комисија.  

- Во изминатите пет години, ЕУ го обнови својот модел на соработка, како одговор на еволуирачкиот геополитички и геоекономски пејзаж и на глобалните предизвици, пред се на растечкиот јаз во постигнувањето на целите за одржлив развој, се наведува во Документот на ЕК за градење одржливи меѓународни партнерства преку иницијативата „Тим Европа“. 

Според Комисијата, од динамика на сооднос донатор-примател, ЕУ се префрла на изградба на взаемно корисни партнерства, кои носат придобивки за локалното население и ја зајакнуваат отпорноста, како во самата Унија, така и во странство, пристап кој беше отелотворен во инвестициската стратегија „Глобална порта“ промовирана во 2021 година. 

- Во текот на пандемијата на КОВИД-19, институциите на Европската Унија, земјите членки и европските развојни финансиски институции извршија притисок за заеднички одговори во духот на иницијативата „Тим Европа“, која оттогаш стана интегрален дел од механизмот за надворешна акција на ЕУ, со што и се овозможува на ЕУ да ги зголеми обемот, влијанието и видливоста на нејзините акции. Вклучувајќи го и приватниот сектор, пристапот на „Тим Европа“ беше главниот механизам за спроведување на инвестициската стратегија на ЕУ – „Глобална порта“, се посочува во соопштението. 

Според ЕК, преку стратегијата „Глобална порта“ се очекува до 2027 година да се мобилизираат 300 милијарди евра во форма на одржливи јавни и приватни инвестиции. Во периодот од 2021 до 2023, во рамки на оваа стратегија во земјите партнери на ЕУ ширум светот се мобилизирани 179 милијарди евра инвестиции за реализација на 225 проекти. Од нив, 50 милијарди евра беа обезбедени од Европската комисија, а 129 милијарди евра од земјите членки на ЕУ, Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). 

Стратегијата „Глобална порта“ е фокусирана на реализација на конкретни проекти во пет приоритетни области - клима и енергија, дигитална транзиција, транспортно поврзување, здравство и образование и истражување. 

Покрај поддршката на проекти за задоволување на основните потреби и егзистенција на населението во партнерските земји, ЕУ се насочи и на обезбедување сеопфатен одговор за искоренување на основните причини за миграцијата, зајакнувајќи го ангажманот со државите на потекло и транзит на мигрантите. 

Дополнително, со оваа стратегија ЕУ значително го зајакна својот мултилатерален ангажман во глобалните институции, како Обединетите нации, Г7, Г20 и меѓународните финансиски институции, давајќи значителен финансиски придонес во меѓународните иницијативи насочени кон промоција на глобалното здравје, образованието и еднаквоста. Во овие рамки, лани во ноември беше склучен и Договорот од Самоа за зајакнување на соработката меѓу ЕУ и државите од Африка, Карибите и Пацификот.  

Според високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел, „Глобална порта“ ја ревитализираше соработката на Унијата со земјите партнери и овозможи да дојде до израз позитивното влијание на пристапот на „Тим Европа“. 

- Изминативе пет години донесоа невидени глобални кризи со кои ниту една земја не може да се справи сама. Сега, повеќе од кога било, соработката и партнерствата се од суштинско значење за ефикасно справување со денешните предизвици, оцени Борел. 

Тој додаде и дека преку „Глобалната порта“, ЕУ заедно со партнерите ќе продолжи да поттикнува просперитет, да овозможува благосостојба на луѓето и да промовира социјална еднаквост. 

Еврокомесарката за меѓународни партнерства Јута Урпилаинен, пак, истакна дека досегашните резултати на иницијативата „Тим Европа“, која е поддржана од инвестициската стратегија „Глобална порта“, ја покажуваат ефективноста на новиот пристап на ЕУ насочен кон засилување на соработката и зајакнување на отпорноста кон шоковите предизвикани од повеќекратните кризи и глобални предизвици.  

- Цврсто верувам дека нашите засилени напори со партнерите за постигнување на целите за одржлив развој ќе вродат со плод. Во исто време, ЕУ остана ангажирана за поддршка на најранливите популации во регионот на Сахел и во Авганистан, додаде Урпилаинен. сп/ 

Фото: ЕУ 

QËNDRONI TË LIDHUR