Прва проба на претставата „Мачкина глава“ во Драмски театар
- Во Драмски театар Скопје денеска се одржа првата проба на претставата „Мачкина глава“ во режија на Дејан Пројковски.
- Post By Лидија Велковска
- 14:35, 10 mars, 2026
Скопје, 10 март 2026 (МИА) - Во Драмски театар Скопје денеска се одржа првата проба на претставата „Мачкина глава“ во режија на Дејан Пројковски.
„Мачкина глава“ е драмски текст на проф. д-р Венко Андоновски, македонскиот романсиер, драмски писател, филмски сценарист, книжевен критичар, теоретичар на литературата и културата. Тој е автор на 35 книги од најразлични жанрови, а неговите драмски текстови по кои се работени претстави се играат пред преполни салони. Освен десетиците книжевни домашни и меѓународни награди, добитник е и на наградата на ЕУРОДРАМ ̶ за најдобри драми во Европа.
- Знам дека можете сѐ. Како автор, тука сум со вас и ќе бидам дел од процесот - рече Андоновски во обраќањето кон актерите.
Навраќајќи се на драмскиот текст за кој смета дека е податлив за работа, појасни дека станува збор за текст кој се движи по опасната линија да западне во политизација на релација Исток ̶ Запад, а ние сме како тампон-зона која треба да се определи, а изборот не е нешто голем.
Директорот на Драмски тратар Скопје Роберт Вељановски на првата проба изрази задоволство што, актерите на Драмски, одбрани во оваа поделба, предводени токму од двоецот Пројковски - Андоновски, ќе ја имаат честа премиерата на претставата „Мачкина глава“ да ја играат на 21 април, денот на централната прослава за 80-годишнината на Драмски театар.
- Режисерот Дејан Пројковски и авторот Венко Андоновски, кои имаат работено, сериозни продукции зад себе, токму во Драмскиот театар ја изразија големата доверба кон актерите и уметничкиот тим со кој ќе ја работат претставата, соопшти Драмски театар Скопје.

Режисерот Пројковски кажа дека текстот е интересен и податлив за работа: „Тој нуди одлична матрица за градење на ликовите во претставата“. Режисерот очекува одлична претстава која ќе биде резултат на нивните средби, размена на енергии и светогледи. „Форматот на текстот има широчина во светската и домашната политика и промовира вредности.“
Во уметничкиот дел од тимот што ја подготвува премиерата на претставата „Мачкина глава“, режисерот ќе соработува со сценографот Валентин Светозарев, костимографката Марија Пупучевска, а музиката во претставата е на Горан Трајкоски. Инспициент во претставата е Жарко Намичев, а суфлер е Милка Анчевска.
Ликовите во претставата „Мачкина глава“ и актерска екипа се: Спиридон - Рубенс Муратовски, Марија - Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Ѕвездан - Филип Трајковиќ, Симон - Александар Степанулески, Сара - Сара Климоска, Џорџ - Игор Ангелов, Мериен - Сања Арсовска, Штерјо - Златко Митрески и Панзо - Предраг Павловски.
Премиерата на претставата „Мачкина глава“ е втора претстава од Годишната програма за работа на театарот, поддржана од Министерството за култура и туризам за 2026 година. лв/дма/
фото: Драмски театар Скопје