Почна реконструкцијата на кровот на административната зграда на Општина Виница
- Со проектот е предвидена замена на стариот ребраст пластифициран лим, откако претходно ќе се изврши санација на постојната дрвена конструкција.
- Post By Илија Стефановски
- 18:54, 9 mars, 2026
Виница, 9 март 2026 (МИА) - Општина Виница започна со целосна реконструкција на кровот на административната зграда, со цел подобрување на условите во објектот и зголемување на неговата енергетска ефикасност.
Со проектот е предвидена замена на стариот ребраст пластифициран лим, откако претходно ќе се изврши санација на постојната дрвена конструкција.
Дополнително ќе се постави термоизолација од камена волна со дебелина од 15 сантиметри, што значително ќе придонесе за подобра енергетска ефикасност на објектот.
Кровот на административната зграда беше во многу лоша состојба. Во изминатите години тој беше само делумно реконструиран, а на повеќе места се појавуваа протекувања, поради што неговата целосна санација беше неопходна, информираат од локалната самоуправа.

Во рамки на проектот ќе се доврши и фасадата на објектот, односно ќе се изврши обработка на досега недовршениот бетонски кровен парапет.
Вкупната вредност на проектот изнесува 5.914.455 денари.
Покрај реконструкцијата на кровот и фасадата, средствата опфаќаат и поставување на инвертер клима уреди за греење и ладење во „Сината сала“.
Финансиските средства се обезбедени од Министерството за животна средина и просторно планирање преку владиниот повик за инфраструктурни проекти. ис/ев/
Фото: Општина Виница