Поранешен шеф на Шин Бет изјави дека Нетанјаху побарал од него да изврши „нелегитимни дела“
- Поранешниот шеф на Шин Бет, Јорам Коен, вели дека за време на неговиот мандат како шеф на агенцијата за безбедност, премиерот Бенјамин Нетанјаху побарал од него повеќе од еднаш да изврши „нелегитимни дејствија“ и изразува загриженост дека следниот шеф на агенцијата за безбедност нема да му се спротивстави на таквите барања.
- Post By Јасмина Тасевска
- 10:40, 21 mars, 2025

Тел Авив, 21 март 2025 (МИА) – Поранешниот шеф на Шин Бет, Јорам Коен, вели дека за време на неговиот мандат како шеф на агенцијата за безбедност, премиерот Бенјамин Нетанјаху побарал од него повеќе од еднаш да изврши „нелегитимни дејствија“ и изразува загриженост дека следниот шеф на агенцијата за безбедност нема да му се спротивстави на таквите барања.
Во интервју за Канал 12, Коен вели дека способноста на Шин Бет да ја врши својата работа како што се очекува ќе зависи од тоа кој ќе биде избран да го замени Ронен Бар, сега кога кабинетот на Нетанјаху гласаше за негово разрешување, пренесе Тајмс оф Израел.
- Ако Бар го заврши својот мандат и биде назначен еден од двајцата сегашни заменици началници или поранешен заменик, од кои сите тројца се достојни луѓе, тогаш мислам дека можеме да бидеме сигурни дека луѓето ќе си ја завршат работата, изјави Коен.
Но, предупредува тој, доколку се избере некој друг освен тројцата сегашни или поранешни заменици, „тоа може да доведе до ситуација да дојде некој кој се чувствува „обврзан“ пред премиерот.
- Премиерот, поради многу работи што не очекуваат во иднина, би можел да постави нелегитимни барања пред него. Премиерот поставува нелегитимни барања од шефот на Шин Бет, вели Коен.
На прашањето дали дава такви тврдења поради лично искуство, Коен вели дека Нетанјаху, во повеќе од една прилика, побарал од него работи кои биле „нелегитимни и сомнително легални“. Тој вели дека Нетанјаху го побарал истото од неговиот наследник Надав Аргаман и од Бар.
Тој вели дека Израел може да се најде со шеф на Шин Бет кој „прави работи од недржавна лојалност“ и кој презема мерки против противниците на премиерот за „политичка субверзија“.
Коен претходно тврдеше дека во 2011 година, Нетанјаху побарал од него да ги прислушува највисоките владини претставници на одбраната за да се осигура дека тие нема да протекуваат информации од особено чувствителен безбедносен состанок.
За време на интервјуто за Канал 12, Коен исто така ги критикуваше владините министри дека се согласуваат со одлуката на Нетанјаху да го отпушти Бар.
- Овие инциденти со разрешувањето на шефот на Шин Бет, како и неизбежното разрешување на јавниот обвинител Гали Бахарав Миара, неизбежно ќе доведат до тешки борби во општеството и до поголеми раздор и поделби, рече тој. „За жал, ова ќе доведе до насилство во израелското општество и тоа нема да биде само проблем на премиерот Нетанјаху, туку проблем на целата влада“.
- Тие знаат каде води ова и се однесуваат како овци, тивки и безусловно прифаќаат што ќе им се каже. Тие се држат за своите места поради владини, политички, економски и финансиски интереси, обвини поранешниот шеф на Шин Бет. јт/
Фото: ЕПА архива од 2011