• e enjte, 02 prill 2026

Пораки од бројот 112 во делови на Грција поради невремето „Ерминио“

Пораки од бројот 112 во делови на Грција поради невремето „Ерминио“

Атина, 1 април 2026 (МИА) – Поради интензивни временски појави, ограничете ги вашите движења само на неопходните, пишува во пораката испратена од бројот 112 за итни случаи што ја добија жителите на неколку грчки области: делови на Пелопонез и областа Атика, поширокиот регион на Атина, а со цел лична заштита од невремето „Ерминио“ што ја зафати Грција, со силен ветер и обилни врнежи од дожд, јави дописничката на МИА од Атина.

Во поширокиот регион на Атина, препораката од цивилната заштита е граѓаните до полноќ да ги ограничат движењата, со оглед на тоа што во попладневните часови се очекува дополнително да се зголеми интензитетот на врнежите од дожд.

Од Министерството за труд на Грција соопштија вонредни мерки за заштита на вработените во приватниот сектор во областите што ќе бидат зафатени од невремето, односно прекин со работа за оние кои работат на отворено и препорака за работа од дома. 

За оние кои работат на отворено, односно на градилишта, бродоградилишта, како и за достава со мотоцикл во Атика, централна Грција, Тесалија, Пелопонез, островите во јужниот дел на Егејското море, како и во Иматија и Пиерија „се воведува задолжително прекинување на работа во периодот од 18 до 22 часот“.

Во случај на непочитување на мерката, предвидена е казна од 2.000 евра по вработен.

Дополнително, со цел заштита на вработените во конкретните области, Министерството препорачува приватните компании да применат работа од дома онаму каде што е можно. ср/сд/

Фото: МИА

QËNDRONI TË LIDHUR