• e diel, 23 shkurt 2025

Пешова за МИА: Најголемиот предизвик е да ги нацртам очите на животните, преку нив се обидувам да ја доловам нивната душа

Пешова за МИА: Најголемиот предизвик е да ги нацртам очите на животните, преку нив се обидувам да ја доловам нивната душа

Скопје, 23 февруари 2025 (МИА) - Животните ми се најголема пасија. Кога ги продавам сликите со животни, најчесто тие пари одат за донација на животни. Едноставно, обожавам животни и мислам дека цел живот ќе ги сликам. Најголемиот предизвик ми е да ги насликам нивните очи, затоа што се обидувам да им ја доловам душата што ја носат, вели за МИА Ирена Пешова, самоук уметник, која повеќе од 40 години создава дела на платно и хартија.

Желбата за сликање кај Пешова постои уште од најрано детство. Со нејзината сестра како деца најчесто сликале фустани, а љубовта кон уметноста и ја пренеле родителите, кои секоја зима на прозорците од куќата сликале снешко, дедо мраз, новогодишна честитка. 

-Првичната желба за сликање се роди многу одамна. Бев мало дете, одев во забавиште и секогаш сакав моите уметнички слики први да бидат први објавени на ѕидот како најубави. Исто така, со мојата сестра знаевме да сликаме убави дела, убави фустани. Моите родители секоја зима на прозорците сликаа снешко, дедо мраз, некоја новогодишна честитка. Гледајќи ги нив, јас почнав да се вљубувам во уметноста и така се јавија моите почетоци, вели за Пешова за МИА.

На прашање како дојде до идејата да слика токму домашни миленици, Пешова одговори дека најголеми „виновници“ за ова се нејзини кучиња Арон и Џина, кои и биле најголема мотивација и храброст во периодот кога се соочувала со депресија и анксиозност.

-Љубовта за сликање животни постои најмногу поради моите кученца кои ги чувам дома. Сакам да нагласам дека еден подолг период од мојот живот имав депресија и анксиозност. Кога се појави Арон, тој ме научи што значи човекот да се бори за живот, но и да биде храбар. Од друга страна, Џина ми покажа што значи да се биде благодарен на тој што се грижи за тебе. Токму овие кучиња ми покажаа што значи вистинска љубов и ми помогнаа да ги надминам моите проблеми. Сликањето на животни ми е на некој начин благодарност кон животните, додава Пешова.

Таа појасни дека парите од овие слики најчесто одат за донација на животни. Потенцираше дека освен Џина и Арон, во моментов чува и мачки и уште три улични кучиња.

- Едноставно, обожавам животни и мислам дека цел живот ќе ги сликам. Сепак, знам понекогаш да насликам и нешто друго, во зависност од инспирацијата, додава Пешова.

Во однос на тоа колкав временски период и е потребен за целосно да заврши едно уметничко дело, Пешова објаснува дека тоа најмногу зависи од големината на сликата. Понекогаш, потребни и се три дена, понекогаш дури и две години.

-Временскиот период за завршување на една слика зависи најмногу од големина на сликата. Јас најчесто сликам на хартија. Но, доколку се работи за А4 формат, потребни ми се од три до четири дена максимално за да ја завршам сликата. Доколку сликам на платно, тогаш колку е поголемо платното, толку подолг временски период ми е потребен за да го завршам делото. На платно најчесто сликам со акрилни бои. Некои слики се завршуваат за десет дена, некои за десет месеци. За некои пак, потребни се можеби и до две години, вели Пешова за МИА.

Љубовта за создавање на уникатни уметнички дела кај Пешова постои повеќе од 40 години. Сите оние кои саакаат нивниот домашен миленик да биде насликан, имаат можност да ја исконтактираат преку социјалните мрежи, каде што ги објавува нејзините дела.

-Јас не сум многу заинтересирана за маркетингот, но луѓето можат да се запознаат со мојата работа преку она што го споделувам на Фејсбук и Инстаграм. Можам слободно да кажам дека 80 проценти од луѓето кои ми се пријатели, веќе имаат нарачано слика. До сега немам добиено лош коментар. Сите се среќни и задоволни, па се надевам дека понатаму тие своие впечатоци ќе ги пренесат и на своите родители или најблиски за и тие да си нарачаат свои слики, или пак можат да нарачат слика подарок на некого, додава Пешова за МИА.

На прашање кое животно или кој домашен миленик и претставува најголем предизвик да го пренесе на уметничко платно, Пешова објаснува дека секое животно е посебно, различно на свој начин. Сепак, потенцира, животните и се најголемиот предизвик, затоа што сите имаат крзно со различна боја.

-Можам да кажам дека секое животно си е посебно на свој начин. Кучињата ми се предизвик, затоа што ги обожавам. Тие имаат крзно во различна боја, но исто така и сите кучиња имаат различен карактер. Најголем предизвик ми е да ги насликам нивните очи, затоа што се обидувам да можам да им ја доловам душата што ја носат, вели Пешова.

Нејзината најголема инспирација за создавање на дела е љубовта. Тоа е она што ја поттикнува и мотивира повеќе од 40 години.  

-Најмногу ме инспирира љубовта. Ирена обожава сонце, обожава небо, природа и животни. Во моментов таму каде што живеам, зад куќата имаме зелено поле. Многу често знаат да пуштат коњи на слобода да трчаат. Едноставно, јас уживам во таа глетка и така почнувам со сликање. Во истиот момент, добивам идеја да насликам коњ, потенцира Пешова.

Иако е самоук уметник, таа вели дека ги почитува сите уметници, а особено оние кои вложиле многу труд и учеле за да успеат и да стигнат до целта. Сепак, како што вели, нејзиниот труд постои 40 години, а најголемо задоволство и е што со продавање на нејзините слики, може да собере средства со кои би помогнала на уште некое животно.

Бисера Трајковска

Фото: Фросина Насковиќ, архива на Ирена Пешова

Видео: Аслан Вишко

QËNDRONI TË LIDHUR