Отворена третата глобална женска лидерска конференција „Јас сум жена“
- Отворена е третата глобална женска лидерска конференција „Јас сум жена“ во организација на Здружението за вмрежување на успешни жени, едуцирање и истражување „Јас сум жена“.
Скопје, 31 август 2024 (МИА) - Отворена е третата глобална женска лидерска конференција „Јас сум жена“ во организација на Здружението за вмрежување на успешни жени, едуцирање и истражување „Јас сум жена“.
- Промените, иако често потребни, знаат да бидат предизвикувачки, често и страшни, но ние жените секогаш можеме да се потпреме на нашата интуиција, да си дадеме себеси сила и храброст или да си најдеме извор на сила и храброст кога немаме доволно во нашиот и да постигнеме се што ќе наумиме, порача денеска претседателката на Здружението „Јас сум жена“ Ана Дукоска на отворањето на конференцијата.
Дукоска ја објасни целта, визијата на Здружението и иницијалната движечка сила на конференцијата која, како што рече, е вмрежување на успешни жени во Македонија и Македонки во светот.
На дводневната конференција, како што е најавено, преку четири панел дискусии, присутните ќе имаат можност да ги слушнат предизвиците на жената во македонското општество, проблемите со кои таа се соочува, но и понудените решенија за нивно надминување со цел унапредување на животните услови на секоја жена во земјава.
Присутните утре ќе можат да бидат дел од едукативната работилница „Успешна македонска приказна“ на која ќе имаат прилика да ја слушнат приказната на една македонска жена бизнисменка. мд/бак/
Фото: Здружение за вмрежување на успешни жени, едуцирање и истражување „Јас сум жена“