• e premte, 21 shkurt 2025

Одбележан именденот и три децении монашко служење и духовно татковство на епископ Антаниски г. Партениј

Одбележан именденот и три децении монашко служење и духовно татковство на  епископ Антаниски г. Партениј

Дебар, 20 февруари 2025 (МИА) - Во присуство на околу илјада верници, од сите делови на државава, во Бигорски манастир одбележан беше споменот на Свети Партениј Лампсакиски и јубилејниот триесетти именден на епископот Антаниски г. Партениј, игумен на манастирот.

Во словото  изговорено на богослужбата, архимандрит Доситеј оцени дека оваа година чествувањето има особено значење, затоа што по јубилеен, триесетти пат епископот и бигорски игумен го одбележува споменот на својот небесен заштитник, Светиот Партениј Лампсакиски Чудотворец, како свој именден.

- Триесет имендени, триесет години исплетени со непрестајни борби, подвиг и жртва – како духовни, така и градителски. Секојдневниот труд на нашиот Старец е познат на сите: обновата на многу светињи, изградбата на нови храмови, како и духовната преродба на многу човечки души. И сето тоа – не жалејќи го сопственото време, посветен на грижата за штитениците, на секојдневните исповеди на верниците, како и на советувањето и помагањето во важни црковни и општествени прашања, рече меѓу другото архимандрит Доситеј.

Во оваа јубилејна година владиката Партениј  за подарок доби архиерејска мандија – одежда што ја симболизира благодатта Божја којашто се излева врз свештенослужителите, а од нив се пренесува на верниците.

-Овој подарок е израз на нашата желба молитвено да се соединиме со него, да му помогнеме колку што можеме во неговите секојдневни грижи и обврски. Исто така, сакаме да знае дека и ние се трудиме да му бидеме поддршка, но и дека нашите човечки сили се ограничени, па затоа ни се неопходни неговите молитви и топли зборови, за да ги издржиме искушенијата и слабостите со кои се соочуваме. Зашто, и колку и да се трудиме, на крајот, сепак, само преку неговиот благослов и молитвеното застапништво остануваме силни и верни работници на нивата Господова, нагласи архимандрит Доситеј.

Секој од нас овде присутен, додаде тој,  сведочи за неговата љубов кон нас и за неговата добрина кон сите. Секогаш подготвен прв да побара прошка, иако толку се труди и внимава да не згреши никому, а уште повеќе – да ја даде прошката, без оглед колку некој му згрешил. Неговото татковско срце е секогаш отворено да утеши, да даде духовен совет или пак да помогне со мудрост во секојдневните предизвици.

- Во оваа триесетта година од неговото монашко служење, во годината кога се навршуваат пет години од неговата хиротонија за епископ и кога го очекуваме неговиот педесет и петти роденден, да се потрудиме и ние – пред сè со делата наши, а потоа со молитвите и со животот наш – да му причиниме радост, за тој да може и понатаму, уште многу години, со силно здравје и Божјо просветление, да биде нашиот духовен столб, заштитник на верата и вистински духовен татко. На многаја и благаја лета, Владико наш свет, посака архимандрит Доситеј.вт/

Фото: Бигорски манастир

 

QËNDRONI TË LIDHUR