• e premte, 21 shkurt 2025

Штипски „Исар“ ќе продава стари возила и контејнери, парите ќе ги инвестира во ново возило

Штипски „Исар“ ќе продава стари возила и контејнери, парите ќе ги инвестира во ново возило

Штип, 20 февруари 2025 (МИА) – Штипското комунално претпријатие „Исар“ ќе продава три товарни возила, булдожер и над 220 контејнери. Одлуката за отуѓување на движен имот на ЈП „Исар“ беше донесена денеска на седница на Советот на Општина Штип.

Како што посочи директорот на ЈП „Исар“-Штип, Александар Арсовски, станува збор за возила кои не се во функција, имаат механички оштетувања и долго време не се регистрирани.

– Донесена е одлука од страна на Управниот одбор на ЈП Исар за отуѓување на движни ствари по пат на продажба. Стварите не се употребливи и функционални, имаат механички оштетувања и подолго време не се регистрирани, вели Арсовски.

Со продажба на старите возила и контејнери, Арсовски очекува да добијат околу 850.000 денари, средства кои ќе бидат искористени за набавка на други нови возила кои му се потребни на самото претпријатие.

– Со оглед на интезитетот на работни активности мора да кажам дека овие возила се амортизираат повеќе од три пати согласно предвидените законски норми за амортизирање, затоа што во недостаток на доволен број на возила тие работат во три смени, изјави Арсовски.

Продажбата на движните ствари ќе се изврши по пат на електронско јавно наддавање, со проценета вредност согласно Извештајот за процена на пазарна вредност на транспортни средства. Продажбата треба да ја спроведе комисија формирана од страна на градоначалникот на Општина Штип. вдј/ра

Фото: МИА

 

QËNDRONI TË LIDHUR